Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, по повод големиот христијански празник Божиќ упати порака за мир, заедништво и градење праведно, толерантно и слободно општество, во кое младите ќе ја гледаат својата иднина.
„Го честитам најрадосниот празник во христијанството со традиционалната честитка – мир Божји, Христос се роди“, порача Филипче, заблагодарувајќи им се на присутните и упатувајќи желби за мирни и весели празници до сите верници кои го празнуваат Божиќ.
Тој истакна дека Божиќ е традиционален повод за собирање на семејството и најблиските, како и за покажување почит и грижа, нагласувајќи дека мирот е особено важен во турбулентни времиња.
„Мирот во овие турбулентни времиња ни е и тоа како потребен за да можеме да продолжиме општеството да го градиме – да биде праведно, да биде толерантно, да биде слободно“, рече Филипче.
Осврнувајќи се на политиките што СДСМ ги спроведувала во минатото, тој нагласи дека тие биле насочени кон подобар, побезбеден и побогат живот за граѓаните.
„Ние во минатото имплементиравме политики коишто граѓаните вистински можеа да ги осетат да живеат подобро, побезбедно, побогато. Младите тука да ја гледаат иднината. Имплементиравме политики коишто доликуваа на развиени општества, општество во кој никој нема да се чувствува помалку вреден, без разлика дали станува збор за етничка, дали станува збор за национална, верска, некаква културна, родова, полова или сексуална ориентација. Посакувам да сите заедно градиме општество во коешто никој нема да биде дискриминиран“, порача Филипче.








