Државниот врв со божиќни честитки: Пораки за мир, семејство и солидарност

Макфакс

07/01/2026

12:49

347

Големина на фонт

а а а

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Владата Христијан Мицкоски и претседателот на Собранието Африм Гаши упатија божиќни честитки до православните христијани, нагласувајќи ги вредностите на мирот, солидарноста, семејството и заедништвото како темели на стабилно и праведно општество.

Претседателката Сиљановска-Давкова: И годинава, божиќните празници ќе ја зацврстат нашата вера и надеж и ќе нè потсетат на човековата насушна потреба од чинењето добри дела.

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, им го честиташе големиот христијански празник Божиќ на сите православни верници, посакувајќи празничниот мир да завладее во секој православен дом. Таа истакна дека раѓањето на Спасителот претставува силна инспирација за добрина, меѓусебна помош и човечност.

Во својата порака, Сиљановска-Давкова повика на соборност и солидарност меѓу граѓаните, нагласувајќи дека заедништвото е клучно за напредокот на општеството.

„Да му се радуваме на животот и да придонесуваме за доброто на заедницата. Да ги отвориме ширум нашите срца за сите ближни, та така сплотени во соборноста, да ја креираме и градиме благосостојбата на македонското општество“, истакна таа.

На сите православни верници им го честитам големиот христијански празник Рождество Христово - Божиќ, денот на раѓањето...

Posted by Gordana Siljanovska Davkova on Wednesday, January 7, 2026

Мицкоски: Стабилната држава се гради врз здрави семејства

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во својата божиќна честитка порача дека Божиќ е празник кој потсетува на суштинските вредности што го држат општеството заедно – семејството, верата, солидарноста и меѓусебната почит.

„Божиќ е ден кога тишината зборува погласно од зборовите. Ден кога се потсетуваме на она што навистина нè држи заедно: семејството, верата, солидарноста и меѓусебната почит“, наведе Мицкоски, додавајќи дека Христовото раѓање нè враќа кон вредностите што со векови го обликувале карактерот на народот.

Тој нагласи дека силата на едно општество започнува во домот и дека стабилната држава се гради врз здрави семејства, а иднината се чува преку грижа за најмладите. Во време на брзи промени и бројни предизвици, според него, Божиќ е повик да се застане, да се размисли и да се врати кон солидарноста, заемната грижа и одговорноста кон ближниот.

„Грижата за семејствата е грижа за иднината на Македонија. Децата заслужуваат сигурност, внимание и средина во која ќе растат со јасни вредности и надеж“, порача премиерот, упатувајќи желби за мир, здравје и спокој во домовите.

Божиќ е ден кога тишината зборува погласно од зборовите. Ден кога се потсетуваме на она што навистина нè држи заедно:...

Posted by Hristijan Mickoski on Wednesday, January 7, 2026

Гаши: Божиќ како поттик за соживот и демократска стабилност

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во честитката по повод православниот Божиќ истакна дека овој празник е можност да се нагласи значењето на меѓусебното почитување, соживотот и општествената хармонија како темелни вредности на институционалната и демократската стабилност на државата.

Во свое лично име и во име на сите пратеници, Гаши им посака на граѓаните мир, здравје и благосостојба во семејствата, истакнувајќи дека празничниот период треба да биде поттик за заедничка одговорност, разбирање и граѓанска соработка.

„Среќен Божиќ“, порача претседателот на Собранието.