Фабио Капело направи новогодишно интервју за „Марка“ на стартот на 2026-та, а легендарниот италијански стручњак разговорот за угледниот медиум го започна со два интересни избори кои секогаш привлекуваат доста внимание во јавноста.
Популарниот Дон Фабио водеше многу големи екипи во својата импресивна тренерска кариера, но како играч, имаше можност да фати една поинаква генерација на фудбалери, од која дел беше и неповоторливиот Пеле.
Во интервјуто за „Марка“, Капело ги наброја тројцата најдобри играчи на сите времиња, но и двајцата најдобри играчи кои имал можност да ги тренира во кариерата.
– На стартот на мојата кариера, имав среќа да играм пријателски натпревар во Русија од кој дел беше и Пеле. Тоа беше еден од последните негови натпревари во кариерата. Покрај Пеле, на пиедесталот се Марадона и секако Меси. Тоа се тројцата најдобри во историјата, играчи кои имаат нешто поинакво, нешто уникатно. Фудбалски генијалци кои правеа работи кои обичните играчи не можат ниту да ги замислат.
– Најдобар што сум тренирал? Роналдо Бразилецот, а потоа Ван Бастен е доста блиску до него. Кога јас го тренирав Роналдо тој немаше повреди, но исто така немаше ниту голема желба за игра. Не сакаше да намали килограми и го избркав од Реал Мадрид. Сепак, ако ме прашате кој е најдобар што сум го тренирал, тоа е Роналдо без никаков сомнеж, – признава Италијанецот.





