Двајца малолетници на 17-годишна возраст се приведени синоќа во Битола, откако полицијата кај нив пронашла 48 пакувања со марихуана, информираат од СВР Битола.
Инцидентот се случил околу 20:40 часот, во дворот на едно основно училиште во градот, каде што полициски службеници извршиле контрола врз двајцата тинејџери. При прегледот, кај нив биле откриени и одземени поголем број пакувања со наркотична дрога, за кои се сомнева дека биле наменети за препродажба.
За време на интервенцијата, ситуацијата дополнително се влошила кога еден од малолетниците физички нападнал полициски службеник, по што двајцата биле веднаш лишени од слобода.
Од полицијата информираат дека случајот е во фаза на целосно документирање, по што ќе следуваат соодветни законски постапки против инволвираните лица, во согласност со законите што се однесуваат на малолетници.







