Каја Калас на страната на САД за соборувањето на Мадуро: Тој немаше легитимитет

Нетпрес

03/01/2026

15:07

506

Големина на фонт

а а а

Европската Унија се огласи по соборувањето на претседателот Николас Мадуро во Венецуела, велејќи дека внимателно го следи развојот на ситуацијата и ги повикува сите страни на воздржаност, јави хрватски „Индекс“.

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, објави дека разговарала со американскиот министер за надворешни работи, Марко Рубио, како и со амбасадорот на ЕУ во Каракас.

„Европската унија внимателно ја следи ситуацијата во Венецуела“, рече Калас.

Таа потсети дека ЕУ постојано нагласува дека Николас Мадуро нема легитимитет и дека Брисел постојано се залага за мирна политичка транзиција во таа земја.

„Во сите околности, принципите на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации мора да се почитуваат. Повикуваме на воздржаност“, рече Калас.

Во меѓувреме, најистакнатата претставничка на венецуелската опозиција порача дека се подготвени да ја преземат власта.