Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата значително ги зголемила средствата за научно-истражувачка дејност, оценувајќи дека тоа е неопходен чекор доколку државата сака барем еден универзитет да се најде меѓу првите 1.000 на Шангајската листа.
Одговарајќи на новинарско прашање за приоритетите во образованието за наредната година, Мицкоски информираше дека средствата за поддршка на научно-истражувачки проекти се зголемени од 340 милиони денари во 2023 година, на околу 680 милиони денари во 2024 и 2025 година, а за следната година се планирани повеќе од 770 милиони денари.
Тој оцени дека средствата сè уште не се доволни, но нагласи дека се значително повисоки во однос на состојбата која Владата ја затекнала. Според него, зголемените инвестиции, заедно со измените во Законот за високо образование, треба да поттикнат поголема научна продукција и објавување трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание, кои се дел од базата Web of Science.
Мицкоски посочи дека анализите покажуваат оти за влез на универзитет од земјава меѓу првите 1.000 на Шангајската листа е потребно осум до десеткратно зголемување на бројот на научни трудови објавени во релевантни меѓународни списанија.
Премиерот оцени и дека платите на универзитетскиот кадар со последните зголемувања се на задоволително ниво, по што фокусот, како што рече, треба да се насочи кон зајакнување на научната дејност како една од основните обврски на професорите. Тој изрази очекување дека по усвојувањето на новиот Закон за високо образование, во наредните години ќе има зголемена научна активност и конкретни резултати.







