Тетовската полиција поднесе кривична пријава против Ш.Ф. (54) од Тетово, М.Ф. (29) од село Долно Количани, општина Студеничани, И.А. (54) од село Шемшево, општина Јегуновце и З.З. (48) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“.
Според пријавата, прво и второпријавениот во декември 2024 година со лажно прикажување на факти измамиле жена, ветувајќи ѝ дека ќе ѝ посредуваат при купување куќа во Тетово, наводно во сопственост на нивни роднини, за сума од 135.000 евра. Оштетената во два наврати им исплатила вкупно 8.600 евра.
Во март 2025 година, откако утврдила дека куќата е во сопственост на друго лице и се обидела случајот да го пријави во полиција, била одвратена од таа намера од третопријавениот.
Потоа, третопријавениот го запознал четвртопријавениот со настанот, по што по извесен период оштетената добила назад 5.100 евра. Останатите пари, како што се наведува, пријавените ги задржале за себе и ја блокирале на социјалните мрежи, со што ѝ оневозможиле да стапи во контакт со нив.







