Кочани по трагедијата во Швајцарија: „Со вас сме, не како набљудувачи, туку како родители што ја носат истата рана“

Макфакс

02/01/2026

12:50

165

Големина на фонт

а а а

Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани упатија јавно сочувство до семејствата на жртвите во пожарот во швајцарски бар, наведувајќи дека веста за трагедијата повторно ја разбудила болката што никогаш не заминала.

„Веста нè врати таму каде што болката никогаш не замина — во моментот кога животот засекогаш се подели на ‘пред’ и ‘по’. Ние, семејствата на починатите во пожарот во ‘Пулс’ – Кочани, знаеме што значи ненадејно да ти се урне светот“, наведуваат тие.

Во пораката истакнуваат дека ја познаваат болката кога ќе остане столче, тишината што зборува погласно од зборовите и тежината на секој здив.

„Нашите мисли, молитви и срца се со семејствата на загинатите, со повредените и со сите кои ја носат оваа незамислива болка. Од срце сме со вас — не како набљудувачи, туку како луѓе кои ја носат истата рана“, порачуваат тие.

Пораката е објавена на Фејсбук, со апел дека во вакви моменти најважни се човечноста, солидарноста и подадената рака, како потсетник дека никој не треба да биде сам во болката.