Алатките на вештачката интелигенција што ветуваат подобрување на здравјето на луѓето силно навлегоа во европското здравство во текот на 2025 година. Не недостасуваа ниту ветувања: персонализирана грижа, побрзи дијагнози, поефикасно откривање болести и забрзан развој на нови лекови. Но, што точно донесе „AI“?
Примената веќе е видлива во пракса – Финска користи вештачка интелигенција во едукацијата на здравствените работници, Естонија во анализата на медицински податоци, а Шпанија во раното откривање болести, пишува „Euronews“.
Истражувањата, сепак, предупредуваат на границите на технологијата. Лекарите и понатаму го надминуваат „AI“ во итни ситуации, додека „AI“ чат-ботовите се мачат со менталното здравје на пациентите, со ризик од ширење медицински дезинформации. Дополнително, безбедносни експерти предупредуваат дека напредните „AI“ алатки би можеле да бидат злоупотребени, па дури и за развој на биолошко оружје.
И покрај овие сериозни резерви, „AI“ сè подлабоко се вкоренува во медицината. Еве пет клучни области во кои веќе остави трага врз здравјето и благосостојбата на Европејците во 2025 година.

Предвидување здравствени ризици години однапред
Научниците развија „AI“ модел способен да предвиди повеќе од илјада медицински состојби – вклучувајќи одредени видови рак, срцеви удари и дијабетес – и тоа повеќе од десет години пред официјалната дијагноза.
Иако алатката сè уште не е подготвена за секојдневна клиничка примена, таа би можела значително да го унапреди разбирањето на развојот на болестите со текот на времето. Паралелно со тоа, оваа година беа претставени и „AI“ алатки што проценуваат дали ретки генетски мутации ќе доведат до болест, анализираат мамографски снимки за да го проценат ризикот од срцеви проблеми кај жените и користат рутински медицински снимки за препознавање биомаркери на хроничен стрес.
Побрза дијагностика на болести
„AI“ асистентот "Prof. Valmed" годинава беше сертифициран за помош на лекарите во дијагностиката и лекувањето, потпирајќи се на големи количини медицински податоци од пациенти.
Во Обединетото Кралство беше развиен и „AI“ стетоскоп што може да открие срцеви проблеми за само 15 секунди. Иако се покажа како премногу чувствителен – со дополнителни тестови беше исклучено срцево затајување кај околу две третини од пациентите што алатката ги означи – лекарите истакнуваат дека сепак открил реални срцеви проблеми кои инаку можеле да останат незабележани.
Во истата земја „AI“ се користи и за забрзување на дијагнозата на рак на простата: системот ги анализира медицинските снимки, ги идентификува пациентите со висок ризик и ги упатува на приоритетен преглед кај радиолог, со што чекањето се скратува за неколку недели.

Следење пациенти по операции
Германски истражувачки тим разви „AI“ алгоритам што го автоматизира следењето на пациенти по вградување стентови. Станува збор за постапка што инаку е долготрајна и подложна на компликации.
Алгоритмот ги анализира снимките од крвните садови и го проценува текот на заздравувањето со точност споредлива со онаа на искусни клиничари. Истражувачите веруваат дека ваков систем би можел да го стандардизира следењето на пациентите и долгорочно да ги подобри исходите од лекувањето на срцевите заболувања.
Борба против отпорноста на антибиотиците
Отпорноста на бактериите на антибиотици станува едно од најголемите јавно-здравствени прашања во Европа, а научниците сè почесто се потпираат на „AI“ во потрагата по решенија.
Во наредните три години се планира развој на „AI“ модели што ќе помагаат во дизајнирање и тестирање нови терапии против бактерии отпорни на лекови. Истовремено, „AI“ се користи за подетално разбирање на одговорот на имунолошкиот систем на одредени бактерии, што би можело да го забрза развојот на ефикасни вакцини.

Помалку администрација, повеќе време за пациентите
Болниците и лекарските ординации низ Европа воведуваат „AI“ алатки за да го намалат административниот товар – од водење белешки до пишување упати. Целта е на лекарите да им се ослободи време за пациентите во систем што се соочува со хроничен недостиг од кадар и сè поголеми притисоци.
На пример, клиничкиот „AI“ асистент на „Microsoft“ е достапен во Ирска, додека шведскиот стартап „Tandem Health“ лансираше „AI“ „медицински записничар“ во Шпанија, Германија, Обединетото Кралство и Финска, покрај веќе постојните операции во Холандија, Норвешка и Данска.














