Мицкоски: Божиќ е празник на дарувањето и споделувањето љубов и разбирање

Макфакс

25/12/2025

09:40

147

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски по повод Рождеството Христово – Божиќ, упати честитка до граѓаните кои го прославуваат празникот според грегоријанскиот календар, посакувајќи им благосостојба, духовен мир и добро здравје, како и повеќе единство, солидарност и надеж за иднината на државата.

„Во мое лично име и во име на Владата на сите граѓани кои го прославуваат Рождеството Христово – Божиќ според грегоријанскиот календар им го честитам празникот со искрени желби за благосостојба, духовен мир и добро здравје.

Овие празнични денови нека ги исполнат домовите со радост, љубов и Божји благослов. Нека раѓањето на Спасителот ни донесе надеж, единство и топлина во срцата, особено во времиња кога ни е потребна заедничка сила и поддршка. Да подадеме рака кон нашите ближни и нашите сограѓани, без оглед на разликите, на оние на кои им е потребна нашата помош, на најранливите категории и на сите оние на кои се соочуваат со предизвици.

Божиќ е празникот на дарувањето и споделувањето на меѓусебна љубов и разбирање.

Во мое лично име и во име на Владата на сите граѓани кои го прославуваат Рождеството Христово – Божиќ според...

Posted by Hristijan Mickoski on Wednesday, December 24, 2025

Нашата традиција како земја и општество не научила низ вековите дека заедно сме посилни и заедно можеме да ги надминеме сите препреки и искушенија пред кои сме биле исправени.

Во духот на божиќната порака за мир и добра волја меѓу луѓето, посакувам голем напредок, перспектива и стабилност на нашата татковина. Нека празничните мигови ни бидат потсетник дека треба да се обединиме, бидејќи заедно можеме да градиме посилна, заедничка и поуспешна Македонија – земја во која секој граѓанин се чувствува ценет, заштитен и исполнет со надеж за поубава иднина.

Наша должност како генерација е да се бориме и со Божја промисла, да се избориме за подобар живот и подобра Македонија за сите нас како народ и за нашите идни поколенија кои доаѓаат. Да работиме посветено за да изградиме стабилна, економски силна и праведна држава, која ќе даде можност на сите за работа и среќен живот, тука во родната земја.

Нека Божиќната светлина ги осветли нашите заеднички цели кон подобро утре! Среќен и благословен Божиќ!

Христос се роди!“, се вели во честитката.