МОН воведе ромски образовни медијатори и во средното образование

Макфакс

24/12/2025

13:53

115

Големина на фонт

а а а

Откако минатата учебна година беше зголемен бројот на ромски образовни медијатори во основното образование од 40 на 50 лица кои им помагаат на младите Роми да се вклучат во воспитно – образовниот процес и да нема осип на ученици од училиштата, оваа година за прв пат, Министерството за образование и наука воведе ромски образовни медијатори и во средното образование.

Преку јавен повик беа одбрани 20 лица кои ќе работат со средношколци од ромската етничка заедница во надминувањето на образовните и други предизвици со кои тие се соочуваат во секојдневието. Тие денес ги потпишаа договорите за работен ангажман и се сретнаа со министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која изрази благодарност за нивната желба и подготвеност да се вклучат во заложбите за подигнување на инклузивноста на националниот образовен систем и им посака успех во работата.

„Имаме голем успех со ромските образовни медијатори во основното образование. Очекувам и вие да бидете ефикасни во работата, која е многу благородна. Разговарајте со родителите, градете добар однос со училишните служби, вклучувајте ги во училиштата оние кои не се на настава и помагајте им во образувањето и во остварувањето на сите други права. Важно е да имаме што поедуцирано население, бидејќи знаењето е основната алатка за успех“, рече Јаневска, додавајќи дека во тек е јавен повик за ангажирање на дополнителен број медијатори.

Министерката посочи дека зголемувањето на инклузијата на децата Роми во основното и во средното образование е програмска определба на Владата и затоа, освен поддршката преку образовните медијатори, заложбата за спречување на дискриминацијата и сегрегацијата, се зголемува и поддршката преку стипендирање на нивното образование.