Винисиус Жуниор доживеа значителен пад во формата откако не ја освои „Златната топка“ минатата година, а 14 месеци подоцна, Бразилецот се најде во ситуација првпат да биде и посериозно исвиркан од страна на навивачите на Реал Мадрид.
Лошата форма и проблематичното однесување му донесоа многу критики во јавноста, па сето ова дава една лоша слика за него во пресрет на клучните преговори кои треба да ги води.
Винисиус е под договор со Реал до 2027-ма година и ќе се решава неговата иднина во првите месеци од новата 2026-та година, а Пеџа Мијатовиќ како легенда на клубот достави ургентен предлог до Флорентино Перез како да ја реши оваа ситуација.
– Реал Мадрид не смее да си дозволи Винисиус да си замине гратис, без оглед на тоа што неговото однесување се коси со џентлменството во Реал. Клубот мора веднаш да ја реши судбината на играчот, Реал Мадрид мора да биде над секој играч и над секој индивидуалец.
– Најинтелигентна стратегија е да му се продолжи договорот, од една страна поради тоа што е важен играч во тимот, но од друга и поради фактот што клубот би се обезбедил за потенцијална продажба. Реал не смее да дозволи да биде контролиран од играчот и неговите агенти. Реал Мадрид ќе продолжи да победува со Винисиус, но и без него во тимот.
– Ако Винисиус бара од клубот договор како оној на Мбапе, или Меси, тоа е знак дека тој не сака да потпише договор. Исто така, ако сака предвреме да го раскине договорот, Реал Мадрид треба што побрзо да го продаде и да го затвори овој случај, – изјави Мијатовиќ.






