Белите дробови станаа луксуз во загадено Скопје: „Тука децата не растат со румени образи туку со инхалации, сирупи и антибиотици“, апели од родители и доктори

Точка

22/12/2025

17:54

385

Големина на фонт

а а а

Во денови кога концентрациите на ПМ 2.5 и ПМ 10 честичките се енормно високи, а загадениот воздух станува сериозна закана по здравјето, слушаме сѐ повеќе апели од доктори, но и „крици“ на родители за тоа во какво општество растат оние најнежните и најневините – децата.

Уметница од Скопје, Ина Михајлова, на својот Фејсбук профил објави статус за, како што вели, ужасната реалност со загадениот воздух во главниот град, испраќајќи моќен апел до јавноста да престане со молчењето. Но, има ли кој да нѐ слушне?

Нејзината објава ви ја пренесуваме во целост:

😷☠️ Мириса на смрт.


Тука децата не растат со румени образи, туку со инхалации, сирупи и антибиотици. Со бронхити што се...

Posted by Ina Mihajlova on Friday, December 19, 2025

„Мириса на смрт.

Тука децата не растат со румени образи, туку со инхалации, сирупи и антибиотици. Со бронхити што се повторуваат, со кашлици што стануваат нормала и со прозорци што не се отвораат.. дури ни преку ден.

Секој ден сме со грижа на совест што сакаме да се прошетаме надвор.

Како здрави бели дробови да се луксуз.

И додека се гушиме, ни продаваат приоритети што немаат врска со реалноста.

Приоритет е детето да може да истрча без да се закашла.

Да заспие без инхалатор покрај кревет.

Да не знае што е антибиотик пред да знае да чита.

Ова не е драма.

Ова е секојдневие.

И колку повеќе молчиме, толку подлабоко дишеме ОТРОВ!“.

Д-р Чибишев со апел до родителите

И доктор Андон Чибишев преку социјалните мрежи предупреди на сериозните ризици за здравјето на децата во услови на екстремно загаден воздух.

„Физичкиот напор го зголемува интензитетот на дишењето, што значи и поголемо внесување на штетни и отровни гасови од амбиенталниот воздух. Не можам да разберам зошто на ваков ден, кога загадувањето е екстремно, децата би се изложувале на таков ризик“.


Д-р Нико Беќаровски со практични совети за превенција од загадениот воздух

Иако изложеноста на штетните честички не може целосно да се избегне, може да се ублажи нивното влијание преку секојдневните навики кои го поддржуваат организмот.

Д-р Беќаровски препорачува денот да се започне со чај од диво оригано во комбинација со додатокот G-132+ Natural.

Пред ручек, како што наведува, корисно е да се консумира зелен чај заедно со витамин Д, додека пак навечер чај од ѓумбир и куркума или бел слез.

Докторот нагласува и дека во текот на денот потребно е да се внесуваат најмалку два литри млака вода со парче лимон.

„Ако не може да се спречи, барем благовремено да се лечи“, порачува Беќаровски.