Скопјани се рекордери во вдишување на ПМ2.5 честички: Цементара Титан Усје е идентификувана како еден од најголемите извори на загадување - пристигна демант од компанијата

Точка

19/12/2025

23:48

488

Големина на фонт

а а а

Скопје и повеќе градови низ Македонија и понатаму се наоѓаат на листата на најзагадени места, додека граѓаните секојдневно дишат воздух со високи концентрации на штетни честички. Револтот кај јавноста расте, бидејќи, како што велат, со години слушаат иста порака – дека проблемот со загадениот воздух „не може да се реши преку ноќ“.

Граѓаните реагираат дека се изложени на отровен воздух кој директно влијае врз здравјето, особено врз респираторниот систем, додека надлежните институции, според нив, не преземаат конкретни и ефикасни чекори, туку постојано ги повторуваат истите мерки.

По дводневно следење на состојбата, Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека е надминат прагот на алармирање за суспендирани честички ПМ10. Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и временската прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, концентрации над 150 микрограми на кубен метар во текот на два последователни денови се регистрирани на мерните станици во Скопје – Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат.


Како одговор, Министерството препорачува интензивирање на вонредните инспекциски надзори кај инсталациите со А и Б интегрирани еколошки дозволи, како и кај субјектите што работат со елаборати. Меѓу мерките е и забрана за горење на отворено.

Додека Министерството издава препораки, а Град Скопје најавува обиди за подобрување и рестартирање на јавниот превоз, граѓаните со скепса коментираат дека вистинско подобрување на квалитетот на воздухот доаѓа само со промена на временските услови – дожд или ветер.

Се огласи Арсовска за загадувањето во Скопје: Цементара Титан Усје е идентификувана како еден од најголемите извори на загадување со ПМ2.5 честици, рангирана меѓу првите 10% емитери на ГЛОБАЛНО ниво!

Според податоците на меѓународната платформа Climate TRACE, Цементара Титан Усје е идентификувана како еден од најголемите извори на загадување со ПМ2.5 честици, рангирана меѓу првите 10% емитери на ГЛОБАЛНО ниво.

ПМ2.5 честиците се меѓу најопасните за здравјето, при што предизвикуваат сериозни срцеви и белодробни заболувања, особено кај децата, повозрасните и хронично болните.

Пред 3 години лично поднесов КРИВИЧНА ПРИЈАВА за утврдено загадување, но Јавното обвинителство до денес нема преземено никаква постапка против Титан Усје. Овој молк е подеднакво загрижувачки како и самото загадување.

Дополнително, достапните докази на платформа Climate TRACE покажуваат дека нивното загадување не е локализирано само на Скопје, со што негативното влијание врз здравјето и животната средина се шири низ Македонија.

☣️🚨Според податоците на меѓународната платформа Climate TRACE, Цементара Титан Усје е идентификувана како еден од...

Posted by Danela Arsovska on Friday, December 19, 2025

Граѓански организации бараат дислокација на цементарница Усје и најавуваат протест

„Денес до Советот на Град Скопје ја поднесовме Иницијативата за дислокација на Цементарница Усје со која предлагаме Советот јасно да заземе став дека на тешка и високозагадувачка индустрија не ѝ е местото во густо населено подрачје и дека Усје мора да биде дислоцирана надвор од Скопје и надвор од кое било населено место. Со Иницијативата се предлага градоначалникот на Град Скопје овој став да го достави до Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина и Собранието, за тие понатаму да постапуваат во рамки на своите надлежности“ соопштија од Зелен Хуман Град (ЗХГ).

Велат „Цементарница Усје е инсталација на тешка и високозагадувачка индустрија (Г1) која со децении функционира во непосредна близина на населени делови на Скопје. Нејзината локација е историски анахронизам и директно е спротивна на уставно загарантираното право на граѓаните на здрава животна средина, како и на современите стандарди за заштита на јавното здравје“.


„Според податоците од Climate Trace – еден од најрелевантните светски извори за следење на загадувањето – Цементарница Усје се вбројува меѓу 10% најголеми загадувачи во светот и класифицирана е како суперемитер на PM2.5 честички. Ова дополнително го потврдува сериозното и долгорочно влијание на оваа инсталација врз квалитетот на воздухот во Скопје. Инспекциските наоди од 2023 година покажаа сериозни системски пропусти во институционалниот надзор. Прифатени се извештаи за емисии со дупки од по 10 часа во 24 часа, спротивно на Правилникот за мерење емисии и тоа од мониторинг станица која самата Цементарница ја контролира. Овие наоди резултираа со кривична пријава поднесена од Град Скопје во јануари 2023 година. И покрај тоа, не следеше ниту забрана за работа, ниту ефективни мерки за драстично намалување на загадувањето, ниту поставување независни мерни станици околу Усје“ стои во соопштението на ЗХГ.

Посочуваат дека „во септември 2025 година Министерството за животна средина предложи, а Собранието усвои, закон со кој за првпат во историјата на Македонија индустриското загадување беше класифицирано како „деловна тајна“ – закон кој беше поздравен и позитивно оценет од Усје. Ова јасно укажува на институционален неуспех и откажување од заштита на јавниот интерес“.

„Скопјани со години протестираат против работењето на Усје, а на 25 декември повторно е закажана граѓанска блокада. Поднесената иницијатива е придонес на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД за конечно започнување институционален процес за дислокација на еден од најголемите загадувачи, откако сите надлежни институции континуирано потфрлаат во своите законски обврски. Ако Инспекторатот, Министерството, Собранието и Обвинителството не постапуваат, Советот на Град Скопје – како најблизок до граѓаните и директно задолжен за заштита на нивното здравје – има и право и обврска да испрати јасна и силна политичка порака.

Секоја тешка и загадувачка индустрија мора да биде дислоцирана надвор од Скопје, град кој со години е меѓу најзагадените во Европа и во кој секоја година предвреме умираат илјадници луѓе, меѓу кои и деца. Оваа иницијатива е застанување рамо до рамо со жителите на Скопје, во нивна одбрана, во заштита на јавното здравје и во одбрана на правото на чист воздух. Додека функционерите се прогласуваат за ненадлежни ние умираме. Доста ги слушаме нивните празни зборови! СЕКОЈ е должен да ги штити животната средина и природата и секоја институција на државата е со Устав задолжена да обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина!“ е ставот на Зелен Хуман Град.

ТИТАН Усје: Тврдењето дека нашата компанија е поврзана со квалитетот на воздухот е целосно неосновано и паушално

„Целосно ги отфрламе неоснованите обвинувања кон ТИТАН Усје, кои се невистинити и не се засноваат на измерени научни податоци и факти. За жал, и овој пат компанијата се користи како изговор, иако реалните, научни и мерливи факти јасно укажуваат дека причините за загадувањето треба да се бараат на друго место“ реагираат од компанијата ТИТАН Усје откако Зелен Хуман Град денеска поднесоа иницијатива за дислокација на цементарницата.

Велат „работењето на ТИТАН Усје е под 24-часовен независен мониторинг, а сите податоци од мерењата се јавно достапни. Покрај нивното доставување до надлежните институции, кои имаат и независен увид, податоците од мерењата редовно се споделуваат со медиумите и со невладиниот сектор. Сите мерења покажуваат дека работењето на компанијата е под законски дозволените лимити“.


„Последното контролно мерење беше извршено вчера (18 декември 2025 година) од страна на Државниот инспекторат за животна средина, при што инспекторите утврдија дека нема отстапувања од законски дозволените лимити. ТИТАН Усје работи согласно законските прописи и А-еколошката дозвола, која е под надзор и контрола на Министерството за животна средина и во која прецизно се дефинирани сите параметри што се однесуваат на заштитата на животната средина. Тврдењето дека нашата компанија е поврзана со квалитетот на воздухот е целосно неосновано и паушално и се потпира на претпоставени вредности од софтверски апликации кои не се засноваат на верификувани методи за мерење од ваков тип и затоа не можат да се сметаат за релевантен извор, ниту во нашата земја, ниту во Европската унија“ велат од компанијата.

Соопштуваат дека „ТИТАН Усје ќе продолжи да работи согласно законските норми, со одговорен и транспарентен однос кон сите засегнати страни“.