Бруно Фернандеш си ја отвори душата во ексклузивното интервју за „Канал 11“, а главен фокус се стави на делот во кој капитенот на Манчестер Јунајтед не ја крие фрустрацијата и разочарувањето која ја доживеал од директорите на клубот во летниот преоден рок.
Добро познато е дека Португалецот одби богата понуда од Саудиска Арабија, па иако одлуката на крајот ја донесе самиот, вчера за првпат призна дека луѓето од клубот се обидувале да го истуркаат од „Олд Трафорд“.
За разлика од Рубен Аморим кој силно посакувал негово останување, директорите презентирале однос со кој јасно му ставиле до знаење дека никој нема да жали за него, а таквиот однос го натерал Фернандеш во блиска иднина да остави простор и за други натпреварувања, а не само за Саудиска Арабија.
– Манчестер Јунајтед сакаше да си одам, добро ми е врежано тоа во мојата глава, тука мислам на директорите. Немаа храброст да ме продадат поради фактот што Рубен Аморим ме сакаше по секоја цена во својот тим. Знам каква беше позицијата на клубот, знам дека немаше да биде лошо за нив ако си заминев.
– Добив совет и од Роналдо, но на крајот одлуката зависеше само од мене. Решив да останам бидејќи го сакам клубот и бидејќи сум лојален, но лојалноста веќе не се цени како порано.
– Пред да се пензионирам, би сакал да имам искуства во уште две топ пет првенства, сакам да ја искусам Шпанија и да се борам за големи титули во Италија. Имам силни врски со Италија, мојата ќерка се роди таму, – вели Фернандеш во вториот дел од интервјуто за „Канал 11“.







