Пеп испофали еден играч на Реал, но го потенцираше и „Бернабеу“ факторот: Судијата се исплаши да покаже црвен картон!

Дерби

11/12/2025

08:05

589

Големина на фонт

а а а

Пеп Гвардиола говореше со суперлативи за изданието на неговиот тим на „Сантијаго Бернабеу“, не поради убавината на играта која беше прикажана, туку поради храброста и упорноста да се сочува својот гол во второто полувреме.

Менаџерот на Сити е свесен дека неговиот тим не го одигра најдобриот натпревар на тешкото гостување, но дефинитивно е задоволен што во Англија се враќаат со три освоени бода, и тоа на натпревар кој според него ривалот требал да заврши со 10 фудбалери на теренот.

Во своето прво обраќање по европското дерби, Гвардиола не пропушти да ја нагласи добрата партија на Родриго кој го постигна својот петти гол во пресметките со Манчестер Сити, но ја апострофираше и нелогичноста во одлуките на главниот арбитар Турпан.

– Родриго е играч од друг калибар, секогаш игра добро против нас. Тоа момче е навистина играч од друго ниво, – порача Пеп, кој не пропушти да го „поздрави“ Турпан.

– „Бернабеу“ секогаш делува импозантно, но тоа важи и за судиите. Судијата му покажа жолт картон на О’Рајли, а две минути подоцна немаше храброст да му даде втор жолт картон на Ридигер. Притисокот на „Бернабеу“ е голем врз сите, вклучувајќи ги и судиите, – изјави Гвардиола во свој стил.

– Ова не беше нашиот најдобар натпревар и знаеме дека мораме да бидеме многу подобри ако сакаме да играме во полуфинале или финале во Лигата на шампиони. Реал беше многу подобар од нас на стартот, но откако постигнавме гол, успеавме да се стабилизираме. На крајот на краиштата, задоволен сум од тоа како преживеавме во вториот дел. Ова е „Бернабеу“ и тука некогаш сте приморани да се браните. Знаеме дека имаме многу простор за подобрување, но верувам дека ќе бидеме подобри до февруари, – заврши Пеп.