Global Youth Empowerment Ecosystem (GYEE), една од водечките меѓународни заедници за развој на млади лидери, официјално ја поздрави Мартина Димоска, позната како „Astro Smarta“, инаку аналоген астронаут - како нов член на својата глобална мрежа.
Во објавата, GYEE ја истакнува Димоска како „првата балканска жена Analog Astronaut“, посочувајќи дека нејзиниот пат - од мало место во Северна Македонија до светската вселенска сцена, е инспирација за цела генерација млади кои се охрабруваат да сонуваат.
Од Кичево до меѓународната сцена
Мартина Димоска е првата жена аналоген астронаут од целиот Балкан, со учество во симулирани вселенски мисии кои на Земјата ги реплицираат условите на Месечината и Марс.
Како инженер по материјали и студент на престижната International Space University (ISU), таа е и основач на International Space Alliance - организација која работи на демократизација на вселенските науки и поширока достапност на STEM-образованието.
Со приклучувањето кон GYEE, Димоска станува дел од елитна мрежа на млади иноватори, визионери и носители на општествени промени од целиот свет.
Зошто ова е значајно?
Приемот на Димоска во оваа глобална заедница претставува уште едно меѓународно признание за нејзината работа и мисија - да ги отвори вратите на вселенската наука за младите од регионот.
Нејзината приказна нема само научен, туку и силен симболичен и мотивациски карактер: дека млад човек од мала земја, без национална вселенска агенција, може да стане дел од светскиот вселенски екосистем.
Автор: Ц.Н.










