Донор на сперма кој несвесно носел генетска мутација која драстично го зголемува ризикот од малигни заболувања станал татко на најмалку 197 деца ширум Европа, покажува големата истрага на 14 јавни сервиси.
Спермата на овој маж била користена во 67 клиники за вештачко оплодување во 14 држави. На картата што ја објави „BBC“ се гледа дека спермата била испратена и во Македонија.
Некои деца веќе починале
Утврдено е дека дел од децата родени од оваа донација имаат мутација што драстично ја зголемува веројатноста за развој на тумор во текот на животот. Некои од тие деца веќе починале, а само мал број од оние кои ја носат мутацијата ќе избегнат малигно заболување.
Европската банка за сперма од Данска соопшти дека донорот и членовите на неговото семејство немаат симптоми, како и дека мутацијата не може да се открие со класично генетско тестирање. По дознавањето за ризикот, донорот бил веднаш блокиран. Од банката наведуваат и дека неговата сперма „во некои земји била користена повеќе отколку што е дозволено“.
Како започнало сè?
Првите донации се случиле уште во 2005 година, кога мажот бил студент. Иако бил здрав и ги поминал сите медицински проверки, дел од неговите репродуктивни клетки носеле мутација на TP53-генот, клучен во спречувањето на формирање канцерогени клетки. Мутацијата не постоела во целиот организам, но постоела во 20 проценти од сперматозоидите и секое дете создадено од таква клетка ја носи мутацијата во секоја клетка од телото.
Болеста поврзана со оваа мутација е позната како Ли-Фраумени синдром и носи до 90 проценти ризик од развој на рак, особено во детството.

Генетичарката за тумори Клер Тернбул од Лондонскиот институт за истражување на рак изјави:
„Тоа е ужасна дијагноза, исклучително тешка за семејствата. Животот со тој ризик е разорувачки“.
Пациентите мора секоја година да прават магнетна резонанца на целото тело и мозокот, како и редовни ултразвуци на абдоменот. Многу жени превентивно ги отстрануваат градите за да го намалат ризикот.
Вистинската бројка е многу поголема
На почетокот од истрагата, лекарите следеле 67 деца, кај 23 е пронајдена мутацијата, а десет веќе имале дијагноза на рак. Сепак, „BBC“ сега открива дека бројката е значително поголема: станува збор за најмалку 197 деца, со можност бројката да е уште повисока поради недостиг на податоци од поединечни држави.
Генетичарката Едвиџ Каспер од Универзитетската болница во Руан истакнува дека последиците се сериозни:

„На многу деца веќе им е дијагностициран рак, некои имале два различни тумора, а некои починале многу рано“.
И Македонија на листата
Иако спермата не се продавала во Хрватска и Велика Британија, утврдено е дека британски семејства ја користеле донацијата во Данска, додека клиники во Србија, Албанија, Македонија и Грција добиле одредени количини, што значи дека и семејства во регионот се потенцијално засегнати.
„BBC“ објави карта на која се прикажани земјите што го добиле овој примерок, а меѓу нив се наоѓа и Македонија.

Недостаток на глобални прописи
Нема меѓународен закон кој го ограничува бројот на деца по донор. Во Белгија, на пример, спермата на еден донор може да се користи за најмногу шест семејства, додека во овој случај 38 различни жени родиле 53 деца во Белгија – што е само дел од вкупниот број.
Европската банка за сперма призна дека имало прекршоци и наведе дека отворила разговори со надлежните институции во Данска и Белгија.














