Повеќето деца на компјутерите случајно трошат стотици евра од картичките на родителите играјќи видео игри, Крис Кубека како десетгодишно девојче успеала да пристапи на строго доверливи датотеки на ФБИ.
Нејзината неверојатна приказна започнала кога нејзиното училиште добило голема донација која им овозможила инсталација на сосема нови компјутерски системи во библиотеката.
Истражување кое отишло предалеку
Крис од мали нозе покажувала исклучителен интерес за технологијата, па веднаш ја искористила можноста да ги истражи новите училишни системи. „Помислив ‘Хеј, сакам библиотека. Сакам компјутери. Ајде да истражуваме!’ и токму тоа и направив“, раскажала таа. „Толку многу истражував што најдов пат до Министерството за правда и ФБИ, и помислив, ова не може да биде вистина.“
На почеток мислела дека станува збор за игра, бидејќи лозинката за пристап била неверојатно едноставна. „Мора да е игра, бидејќи нивната лозинка беше само нула, нула, нула, нула. Затоа не мислев дека е вистинско, бидејќи беше предобро“, споделила таа за „LADbible Stories“. Меѓутоа, „таинствените датотеки“ биле навистина вистински и содржеле чувствителни информации за тајни агенти на ФБИ.
Едноставна метода и сериозни последици
Крис објаснила како успеала да пробие во системот. Таа користела бројки за дијал-ап на модемот за да провери дали компјутерот на другата страна на линијата е поврзан. Ако е, таа ќе се обиде да комуницира со него и да види што се наоѓа на него. „Во многу случаи тогаш немаше лозинки или пристапни кодови и можеше да играте игра на туѓ компјутер, на пример, или да пристапите до датотеки со рецепти, или било што друго“, појаснила таа.
Имала пристап до доверливите датотеки повеќе од две недели пред агентите на ФБИ да се појават во нејзината училишна библиотека. Се сеќава дека „средбата со службениците не беше пријатна“.
„Очигледно, кога си дете и гледаш двајца возрасни кои сакаат да те однесат во полициска станица, помислуваш: ‘О не…’ Немаш поим што ќе се случи“, рекла. „Те одведуваат од твоето безбедно место, кое е пред компјутерот во библиотеката, на некое многу студено место.“
Од казна до кариера
Како казна, Крис добила административна забрана за користење на поголемиот дел од компјутерите сè додека не наполнила 18 години. И покрај неславниот почеток, нејзината страст кон технологијата не исчезнала.
Денес Крис Кубека е етичка хакерка (стручњак за компјутерска безбедност кој намерно бара ранливости во системите, но со дозвола и во корист на корисниците — за безбедносните пропусти да се откријат и поправат пред да ги злоупотребат криминалци) и ценета експертка за сајбер војување (водење конфликти користејќи информатички технологии и напади врз компјутерски системи, наместо класично оружје).














