Историски успех за Македонија: Документарецот „The Tale of Silyan“ на режисерката Котевска се закити со две престижни награди во Лос Анџелес

Точка

07/12/2025

14:00

1.481

Големина на фонт

а а а

На престижните награди „International Documentary Awards“ (IDA) во Лос Анџелес, документарецот „The Tale of Silyan“ оствари историски успех, освојувајќи две престижни награди – најдобар документарен филм (Best Documentary) и најдобра камера (Best Cinematography).

Филмот на режисерката Тамара Котевска, која светската публика ја запозна преку „Honeyland“, повторно го сврте вниманието на документарниот свет кон Македонија. Победата доаѓа точно шест години по успехот на „Honeyland“, кој во 2019 година освои награда за најдобра камера и „Pare Lorentz Award“ на истиот фестивал.

„Ова е мојот најважен филм“

Режисерката Тамара Котевска во емотивна објава на социјалната мрежа Фејсбук по добиените награди напиша:

„Да се вратам по шест години во ЛА, на IDA, со нов филм и да ја добијам главната награда за најдобар документарец – е нешто што е над зборови! Ова е мојот омилен документарен настан и мојот најважен филм досега.“

Таа ѝ честиташе на целата екипа, а особено на Жан Дакар, кој ја доби наградата за најдобра камера:

„Ја посветувам оваа награда на сите независни документарни автори кои се борат со незамисливи пречки за да создадат филм. Продолжете да се борите – ние навистина правиме промена!“