ВМРО-ДПМНЕ: Ние како мнозинство немаме од што да бегаме, ќе се расчистат сите прашања поврзани со трагедијата во Кочани

Макфакс

03/12/2025

17:46

213

Големина на фонт

а а а

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, изјави дека во периодот кога државата ја воделе СДСМ и ДУИ се закажувале анкетни комисии, но не се обезбедувал кворум. Стојаноски рече дека поради тоа била упатена покана до претседателот на Левица, како и до сите други пратенички групи, да се најде нов датум за седницата закажана за 9 декември.

Тој посочи дека целта е да се договори термин до крајот на годината во кој седницата би се одржала и на кој би можеле да присуствуваат сите поканети, меѓу кои и премиерот.

„Уште еднаш кажувам, ние како мнозинство и како политичка партија апсолутно немаме од што да бегаме“, изјави Стојаноски.

Тој додаде дека се подготвени да ги расчистат сите прашања што ги имаат родителите на загинатите во трагедијата во Кочани, како и прашањата поврзани со претходни трагедии. Според Стојаноски, преку една сеопфатна анкетна комисија може да се дојде до одговори на сите прашања што се поставуваат во општеството.


Додаде дека денеска на собраниска седница, со 84 гласа „за“, беше донесена одлука за формирање на анкетна комисија која ќе ги опфати сите немили случаи и трагедии во кои изгубија живот 138 лица. Комисијата ќе ги опфати случаите со модуларната клиника во Тетово, автобуските несреќи кај Ласкарци и во Бугарија, како и пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Од парламентарното мнозинство посочуваат дека со ваквата одлука покажуваат дека се први кои сакаат овие случаи да се расчистат и одговорноста — законска или политичка — да ја понесе секој што бил виновен за случувањето на трагедиите.

„Она кое што е важно и би сакал да го истакнам, е дека со ова, успеавме да ја прекинеме политичката игра на некрофилство во која што беа западнати СДСМ и Левица сакајќи да добијат политички поени од едни вакви трагедии“, се наведува во изјавата.