Лимани: Попреченоста не е причина за исклученост, туку повод за повеќе грижа, солидарност и човечност

Макфакс

03/12/2025

14:49

90

Големина на фонт

а а а

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани по повод 3 Декември – Меѓународен ден на лицата со попреченост присуствуваше на настан во Владата на Република Северна Македонија. На настанот покрај претставници на Владата, присуствуваа и претставници на здруженија, лица со попреченост и деца со попреченост од државното средно училиште со ресурсен центар „Димитар Влахов“ од Скопје.

Во своето обраќање кон присутните Лимани истакна дека овој ден е потсетник на важна вистина дека инклузијата не е само законска обврска – таа е човечка должност и темел на праведно општество.

Тој рече во државата живеат над 94.000 лица со попреченост, а анализите покажуваат дека повеќе од една третина од граѓаните се соочуваат со некаква форма на попреченост. Овие бројки, посочи Лимани, не се статистика – тие се потсетник дека еднаквите можности мора да бидат срцето на сите наши политики.

„Како Министерство направивме важни чекори: го подобривме законодавството, ги зајакнавме социјалните услуги, вложивме во личната асистенција, раната интервенција, менталното здравје и поддршката за семејствата. Работиме на деинституционализација, поголема пристапност и вистинска вклученост во образованието, професијата и заедницата. Но знаеме дека има уште многу работа. Затоа создадовме модерен и транспарентен систем за проценка на попреченоста, воспоставуваме Национален регистар, нов информациски систем, дигитални алатки и асистивни технологии. Ги трансформираме услугите таму каде што им се најпотребни – во локалните заедници;“ истакна Лимани.

Тој подвлече дека „инклузијата не се гради со документи – се гради со достапни улици, отворени училници, социјални услуги што навистина допираат до луѓето, и со поглед што не осудува, туку охрабрува.“

„Нашата држава ќе продолжи да инвестира во инклузијата не затоа што е европска препорака или законска обврска, туку затоа што е тоа исправно. Затоа што секое дете со поддршка денес, е независен млад човек утре. Секој млад човек што добива шанса да учи, работи и живее достоинствено, е граѓанин кој ја гради иднината на оваа земја. Ова е визијата што ме мотивира секој ден: општество во кое попреченоста не е причина за исклученост, туку повод за повеќе грижа, повеќе солидарност и повеќе човечност,“ рече Лимани.