Глобалните трансформации и трендови во медицината, поттикнати од улогата на вештачката интелигенција, како и најновите препораки за третман на болестите и идните предизвици во здравството, ќе бидат главен фокус на Симпозиумот на млади лекари што во петок и сабота (5 и 6 декември) ќе се одржува во Скопје во организација на Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС Скопје).
Темата на симпозиумот е „Иднината на медицината - прозорец кон утрешнината“, а настанот ќе се одвива паралелно во повеќе сали каде што ќе има воведен дел, предавања, панел дискусии и практични работилници. Ќе присуствуваат околу 150 млади лекари од земјава и гости од странство, кои ќе ги слушнат најновите искуства, сознанија и техники од реномирани стручни лица од различни медицински области. Во официјалната програма се вклучени на 50 лекари, предавачи, модератори и ментори од различни области од Македонија и странство. Меѓу нив се проф. д-р Сашко Кедев, проф. д-р Миодраг Остојиќ, вон. проф. Владимир Чадиковски, проф. д-р Лидија Попоска, научниот советник Јане Талески, проф. д-р Скендер Саиди, проф. д-р Оливер Станков, проф. Един Бегиќ и многу други реномирани стручни лица од областа на хирургијата, интерната медицина, кардиологијата, урологијата, радиологијата и други специјалности.

Учесниците на симпозиумот ќе имаат можност поблиску да се запознаат и со проектот на ЗЛС, „Стоп за лоши навики“, насочен кон подигнување на свесноста за значењето на примарната превенција на незаразните заболувања како водечка причина за сериозни болести и смртност во Македонија. Во рамки на овој проект, ЗЛС неодамна го издаде практичниот прирачник „Како до здрави навики“ на македонски, албански и англиски јазик со корисни упатства за превенција и подобрување на здравјето на граѓаните, кој ќе биде претставен пред учесниците.
Организаторите на симпозиумот истакнуваат дека темата на годинешниот настан е поврзана со современите трендови во медицината и иднината на здравствениот систем, со посебен акцент на улогата на вештачката интелигенција, како тема која произлегува од глобалните трансформации во медицината што веќе се случуваат и кај нас.

- Вештачката интелигенција постепено ја менува дијагностиката, третманот, брзината и прецизноста на медицинската проценка и во иднина ќе ја редефинира медицината онаква каква што ја познаваме. Првите значајни примери ги гледаме во радиологијата, но трендот многу брзо се проширува во сите медицински области. Затоа е важно младите лекари да бидат подготвени за следниот чекор – да учат, да дискутираат и да се адаптираат на новото време што веќе пристигна во медицината – вели д-р Александра Георгиева, претседател на ЗЛС.
Главната цел на симпозиумот е на младите лекари да им овозможи современа образовна платформа преку која тие ќе добијат глас, ќе бидат во центарот на вниманието и ќе добијат вистинско практично знаење, не само теоретско. Организаторите ги препознаваат реалните потреби на младите лекари и според тоа ги дизајнираа работилниците кои ќе бидат дел од настанот: развивање на клиничко размислување, практични вештини, споделување искуства, работа со пациенти и градење професионална самостојност.

- Станува збор за национален медицински симпозиум кој е комбинација од научно-едукативен формат и практична обука. Насочен е кон младите лекари - специјализанти, млади специјалисти, клиничари и сите кои се во процес на професионален развој. Овој настан е посебен бидејќи е создаден од младите за младите, со цел да им овозможи поддршка таму каде што најмногу им треба – вели д-р Георгиева.
Ова ќе биде второ издание на Симпозиумот на млади лекари, откако првпат се организираше во 2023 година. Огромниот интерес за овој настан, како и позитивните искуства на учесниците од првото издание, придонесоа тој годинава да биде уште поголем и посеопфатен, поради што ќе почне да прераснува во традиција во наредниот период.
















