НАТО размислува за заземање на поагресивен став како одговор на руските кибер напади, саботажи и нарушувања на воздушниот простор, изјави највисокиот воен функционер на алијансата. Адмиралот Џузепе Каво Драгоне, претседател на Воениот комитет на НАТО, потврди дека западната воена алијанса ја проучува можноста за зајакнување на својот одговор на хибридното војување што го спроведува Москва, пишува „Фајненшл тајмс“.
„Разгледуваме сè… Во однос на киберпросторот, ние сме прилично реактивни. Да бидеме поагресивни или да бидеме проактивни наместо реактивни е нешто за кое размислуваме“, рече Драгоне.
Европа беше погодена од голем број инциденти со хибридно војување – од сечење кабли во Балтичкото Море до кибер напади низ целиот континент – некои се припишуваат на Русија, додека потеклото на други останува непознато.
Затоа некои дипломати, особено од источноевропските земји, го повикуваат НАТО да престане да биде чисто реактивен и да почне да реагира. Таквиот одговор би бил најизводлив во случај на сајбер напади, каде што многу земји веќе имаат офанзивни капацитети, но би бил многу посложен кога станува збор за саботажи или упади со беспилотни летала.
Драгоне забележа дека „превентивниот удар“ би можел да се смета за „одбранбена акција“, но додаде: „Тоа е надвор од нашиот вообичаен начин на размислување и однесување“.
Сепак, тој ја остави отворена можноста за промена на пристапот. „Да се биде поагресивен во споредба со агресивноста на нашиот противник би можело да биде опција. Прашањата се правната рамка, јурисдикциската рамка, кој ќе го стори тоа?“, додаде тој.
Како пример за успешно одвраќање, НАТО ја посочува својата мисија „Балтичка стража“, во која бродови, авиони и поморски беспилотни летала патролираат низ Балтичкото Море. Мисијата спречи повторување на голем број инциденти со пресекување кабли што се случија во 2023 и 2024 година, за кои се сомнева дека се случиле од бродови поврзани со руската „флота во сенка“, дизајнирани да ги заобиколат западните санкции.
„Од почетокот на мисијата „Балтичка стража“, ништо не се случи. Ова значи дека ова одвраќање функционира“, нагласи Драгоне.











