Време е за стратешки чекор на ЕУ кон Западниот Балкан. По долгата, па и маратонска евроинтеграција, заедничката географија, историја и култура треба да се заокружат со отворање на вратите за членство на балканските држави, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Балканскиот форум за интеграција 2025, во Црна Гора.
Таа укажа дека пристапувањето мора да биде кредибилен процес заснован единствено на Копенхагенските критериуми, а Унијата мора да ги брани своите принципи и вредности. Двојните стандарди го комплицираат процесот и не смеат да се уважуваат.

Според неа, членството во ЕУ е најдобриот начин за отпорност на регионот на трети центри на моќ.

Сиљановска-Давкова нагласи дека во регионални рамки го надминуваме просекот на усогласеност со европското законодавство во сите шест кластери, стопроцентно сме усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и заслужуваме да бидеме охрабрени и да добиеме шанса за почеток на преговори.

Во дискусијата „Претседателите за ЕУ интеграциите – Имаме ли план?“, со којашто модерираше претседателот на Европското движење во Црна Гора, Момчило Радуловиќ, учествуваше и црногорскиот претседател, Јаков Милатовиќ.

Учесниците се заложија дека земјите на Западен Балкан мора стратешки и усогласено да пристапат кон справувањето со феноменот на „одливот на мозоци“.







