Четиричленоот семејство од Хамбург почина од труење од средство против штетници кое наводно било користено во нивниот хотел во Истанбул. Таков резултат доаѓа од судско-медицинската експертиза, објави државното обвинителство, кое ја води истрагата. Турските медиуми веќе објавија во средата дека Институтот за судска медицина го доставил својот извештај за смртта на семејството на 26 ноември до надлежниот орган.
Сега државното обвинителство во Истанбул објави дека семејството починало поради инсектицидот што се користел во хотелот. Точниот вид на отров не е наведен, но во соопштението се додава дека немало знаци на труење со храна, како што првично се претпоставуваше, пренесува Дојче Веле.
Како резултат на новите наоди, четворица од единаесетте осомничени, меѓу кои и сопственици на тезги со улична храна и ресторани, се ослободени, објави обвинителството. Шест осомничени, меѓу кои и сопственикот на хотелот, сопственикот на компанијата за дезинфекција и неколку негови вработени, остануваат во притвор.
Претходно, бројни медиуми објавија дека истражителите откриле токсичен фосфински гас во хотелската соба на семејството. Овој високо токсичен гас се произведува кога алуминиум фосфидот доаѓа во контакт со вода или влага. Фосфинот ги оштетува клетките во телото, го спречува транспортот на кислород во крвта при повисоки концентрации и може да доведе, меѓу другото, до силно кашлање, повраќање и нарушувања на црниот дроб и бубрезите.
Супстанцата алуминиум фосфид често се користи во Турција за контрола на штетници во земјоделските растенија и магацините.
Трагичната смрт на четиричлено семејство во Истанбул не само што предизвика длабока огорченост, туку, според написите фрли светлина врз сериозните безбедносни недостатоци и голем број постари, нерешени случаи на труење во Турција.







