Тренчевска: ДПМНЕ ја уби надежта на лицата со попреченост, нема зголемување на поддршката

Макфакс

27/11/2025

13:49

121

Големина на фонт

а а а

Пратеничката од Социјалдемократаскиот сојуз на Македонија, Јованка Тренчевска, на денешните пратенички прашања, укажа дека се уште до Собранието не се доставени измените на Законот за социјална заштита и Законот за детска заштита со кои треба да се зголеми износот на надоместокот за правото на попреченост и посебниот додаток за децата со попреченост, и покрај тоа што амандманот за зголемување на надоместокот беше прифатен со ребалансот на Буџетот во јули 2025 година.

Тренчевска упати прашање до заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, кога ќе се донесат измените и дали ќе има зголемување во 2026 година на сите права од детска и социјална заштита.

„Со ребалансот на Буџетот во јули 2025 година беше прифатен амандман со кој се обезбедија дополнителни средства од 50 милиони денари за да се овозможи зголемување на износот на надоместокот за правото на попреченост и посебниот додаток за децата со попреченост.

Денеска сме 27 ноември, покачување нема, а ниту има доставено до Собранието измени на Законот за социјална заштита и Законот за детска заштита, како би можеле овие права да се зголемат во 2025 година.

Заменик-министер, им ја убивте надежта на лицата со попреченост дека ќе имаат повеќе приход во семејството. Си поигравте и со нив предизборно, ветувајќи им зголемување на надоместокот. Завршија изборите, тие ви поверуваа, а вие ги изневеривте“.

Тренчевска праша кога да се очекуваат во Собрание предлог-измените на Законот за социјална заштита и Законот за детска заштита со цел зголемување на овие права.

„И дали ќе има зголемување во 2026 година на сите права од детска и социјална заштита, со оглед на намалените средства во буџетот за 2026 година во делот на правата и надоместоците, кои се намалени за близу 2 милијарди денари“.