Радеска: Породилното доцни и по 30 дена

Макфакс

25/11/2025

12:18

114

Големина на фонт

а а а

Владата на Христијан Мицкоски ги остави мајките и новороденчињата без основната сигурност што им следува по закон. Породилниот надомест доцни по 20 дена, а има мајки кои чекаат и повеќе од 30 дена. И замислете, Фондот ова го признава и вели дека тоа било во ред. Понижувачки и нечовечки е да се дозволи мајките да се јавуваат и да молат за исплати и да немаат пари за пелени и млеко, изјави Елена Радеска од Комисијата за здравство на СДСМ.

Според неа, никогаш досега немало вакво доцнење.

„Нема ништо нормално во тоа семејства што живеат само од породилното да останат без денар затоа што ДПМНЕ не си ја врши работата. Вистината е дека никогаш во минатото не се случило вакво доцнење. Ниту во време на светска економска криза ниту кога имаше хакерски напади на Фондот. Ова не се случило под ниту една друга влада. Ова е директен резултат на неспособност и на расипнички приоритети на Мицкоски и неговиот другар Клековски“, рече Радеска.

Таа го праша Мицкоски зошто нема пари за мајките и бебињата, а има за луксузни автомобили, скапи мебели и тендери кај блиски фирми?

„СДСМ бара Фондот веднаш да ги исплати сите заостанати породилни надоместоци без одложување. Бараме фиксен датум на исплата секој месец, како што со право бараат мајките. Бараме Владата јавно да ја објави состојбата со Фондот и да каже каде завршиле парите што треба да бидат исплатени на секоја мајка во оваа држава. Дали е точно дека сите доцнења се заради неликвидноста на буџетот“, праша таа.