Путин разговараше со Ердоган за американскиот план за Украина

Макфакс

24/11/2025

16:40

201

Големина на фонт

а а а

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган денес телефонски разговараа за решавање на конфликтот во Украина, со посебен акцент на американските мировни предлози, но и за билатералните односи меѓу двете земји, пишува руската агенција РИА Новости.

„Беа разменети мислења за ситуацијата околу Украина, вклучително и во контекст на американските предлози за мирно решение“, кратко соопшти Кремљ. Во разговорот, Путин нагласи дека американските предлози, во верзијата што ја доби Москва, го следат правецот на разговорите со американскиот лидер Доналд Трамп одржани во Алјаска на 15 август. Според него, тој план во принцип може да послужи како основа за конечно мирно решение.

Ердоган, од своја страна, ја потврди намерата на Турција да придонесе во процесот на преговори и го понуди Истанбул како платформа за идните разговори. Двајцата лидери се согласија да ги интензивираат руско-турските контакти за мировниот процес на различни нивоа. Турскиот лидер му ги пренесе и на Путин своите впечатоци од самитот на Г20 во Јоханесбург. Како дел од разговорите за билатералните односи, беше потврден интересот за проширување на трговските и инвестициските врски и спроведување на заеднички проекти во енергетскиот сектор.

Минатата недела, американската администрација објави дека работи на мировна иницијатива за решавање на ситуацијата во Украина.

Како што изјави Путин, Москва го има текстот на американскиот план, но за него сè уште не е конкретно дискутирано. Путин рече дека документот може да послужи како основа за конечно решение.

Еден ден претходно, во Женева се одржаа преговори меѓу претставници на ЕУ, САД и Киев, каде што се разговараше за промените направени од европската и украинската страна на американскиот предлог.