По повод 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Австралија и Македонија, Австралиската амбасада во Белград, Србија, која ги покрива исто така и Македонија и Црна Гора, заедно со Кинотека на Македонија ја кани јавноста на Краткиот Фестивал на австралиски филм на 28-ми и 29-ти ноември.
Во петок, 28-ми ноември, со почетокот во 20:00 часот, ќе биде прикажан австралискиот филм „Домаќинство за почетници“ (Housekeeping for Beginners) на истакнатиот македонско-австралиски филмски режисер Горан Столевски, а во сабота, 29-ти ноември, публиката во Кинотека ќе има можност да ужива во комедијата „Дворска пепел“ (Backyard Ashes) и да дознае повеќе за тоа колку крикетот им значи на Австралијците.
„Домаќинство за почетници“ (2023), петок
Режија: Горан Столевски
Сценарио: Горан Столевски
Улоги: Анамариа Маринка, Алина Сербан, Самсон Селим, Владимир Тинтор, Миа Мустафа, Џада Селим, Сара Климоска, Розафа Целај, Ајше Усеини
Филмската приказна на Столевски се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.
„Дворска пепел“ (2013), сабота
Режија: Марк Грентел
Сценарио: Питер Кокс
Улоги: Ендру Гилберт, Феликс Вилијамсон, Ребека Мaси, Демијан Калинан, Џон Вуд и др.
„Дворска пепел“ е австралиска комедија за Даги, добродушен Австралиец, и неговиот нов сосед Ед, арогантен Англичанец, испратен од централата во Лондон да ја редуцира работната сила во фабриката во која работат Даги и неговите соседи. Нивниот однос се влошува кога Даги не сакајќи го убива мачорот на Ед. Напнатоста прераснува во комичен судир, решен со крикет натпревар во дворот на Даги, во кој се вклучува целото соседство. Насловот реферира на крикет натпреварите (Тhe Ashes) меѓу Австралија и Англија кои се играат секоја втора година, а филмот е полн и со алузии на контроверзната тактика на Англичаните во натпреварите од серијата во 1932-33 година кога намерата да се цели во телото на играчот од противничкиот тим ги загрозило дури и дипломатските односи меѓу двете земји.













