Побегна еден од осудените за автобуската несреќа со 16 жртви кај Ласкарци

Макфакс

23/11/2025

09:12

1.052

Големина на фонт

а а а

Судот и полицијата уште трагаат по Ремзи Мифтари, осуден на 10 години затвор за автобуската несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 луѓе, а 30-ина беа повредени. Мифтари требало да оди во затвор уште во мај, а гостиварскиот суд пред четири дена испратил барање до МВР и СВР Тетово за присилно приведување на издржување на затворска казна.

Од СВР Тетово велат дека пред четири дена ја добиле наредбата, но гостиварската полиција не успеала да го најде дома, ниту на други локации и во тек се активности за негово откривање. Претходно, за Мифтари била изготвена покана да се јави на издржување на казната во затворот во Идризово, но откако не се јавил во наведениот рок, затворот го известил надлежниот гостиварски суд, по што е покрената постапка за присилно приведување.


Откако Апелација му ја зголеми казната од шест на десет години затвор, Мифтари бараше нејзино одлагање со лекарско уверение за операција на кила на тестиси, но одлагањето на казната одамна му е истечено.

Ремзи Мифтари, одговорниот за превоз во „Дурмо турс“, и сопственикот на фирмата, Дурмиш Белули, се осудени на по 10 години затвор за трагедијата кај Ласкарци кога неисправен автобус полн со патници излета од патот. Загинаа 16 патници, а повеќе од 30 беа повредени.

Возачот Маноил Трифуновски беше осуден на 14 години затвор, а тројца вработени во техничкиот сервис на „Дурмо турс“ добија една петгодишна и две седумгодишни затворски казни.