Европските земји, САД и украинските претставници утре ќе разговараат во Женева

Макфакс

22/11/2025

18:24

129

Големина на фонт

а а а

Претставници на европските држави утре во Женева ќе разговараат со американски и украински претставници за американскиот мировен план за Украина, изјавил извор од германската влада за dpa. Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ дал рок на Украина до четврток да одговори на предлогот со 28 точки.

Нацрт-планот, кој протече во медиумите и во четврток беше официјално претставен на Киев, предизвика загриженост затоа што предвидува широки територијални и воени отстапки кон Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски именуваше преговарачка делегација, со Андриј Јермак како главен преговарач. Во деветчлената група е и Кирило Буданов, шеф на воената разузнавачка служба.

Зеленски изјави дека планот ја остава Украина пред „многу тежок избор: или губење на достоинството или ризик од губење на клучниот партнер“ – мислејќи на САД, кои обезбедуваат оружје и разузнавачка поддршка.

Украински високи претставници во наредните денови треба да се сретнат со американска делегација во Швајцарија за да разговараат за планот, но точниот термин и локација не се прецизирани.