Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денес изјави дека секој план за ставање крај на војната во Украина ќе има потреба од поддршка од Киев и Брисел.
„Она што ние, како Европејци, отсекогаш сме го поддржувале е долготраен и праведен мир и ги поздравуваме сите напори за постигнување на ова. Секако, за да функционира секој план, потребни се Украинци и Европејци“, изјави Калас пред новинарите по пристигнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
Според извештаите на американските медиуми, претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, оваа недела одобри план од 28 точки за мир меѓу Русија и Украина, кој високи претставници на администрацијата го развиваа во последните недели во консултација со рускиот претставник Кирил Дмитриев и украински претставници.







