Карцином, хипертензија, дијабетес тип 2 се болести кои сè почесто се дијагностицираат кај помлади лица. Некои експерти наведуваат дека миленијалците, лица родени помеѓу 1981 и 1995 година, се првата генерација која има поголем ризик од развој на тумори отколку нивните родители.
На глобално ниво, бројот на пациенти кои се лекуваат од рак, а се помлади од 50 години, се зголемил за 79 проценти од 1990 до 2019 година. Околу 80 проценти од откриените карциноми се „спорадични“, што значи дека не се последица на наследна мутација, туку на влијание на надворешни фактори.
Што јадеме, пиеме, вдишуваме?
Имунолог проф. Лидија Бегона Хорндлер Гил од „Universidad San Jorge“ смета дека на развојот на карцином влијаат повеќе фактори од надворешната средина – од тоа што јадеме, пиеме, вдишуваме, па до стресот и физичката активност. Според Хорндлер Гил, најголемо влијание врз ризикот од тумори немаат гените кои ги наследуваме, туку факторите на животниот стил.
Исхрана
Исхраната е еден од главните фактори зад „новата епидемија“. Детската дебелина, која е во пораст од 1980 година, е еден од можните виновници. Во 2022 година, повеќе од 390 милиони деца и адолесценти на возраст од 5 до 19 години имале прекумерна телесна тежина, а од нив 160 милиони биле дебели, наведува Светската здравствена организација.

Лекарите предупредуваат дека дебелината не е исклучиво естетски проблем, туку состојба која води до инсулинска резистенција, хронична воспаление и хормонални промени, кои можат да бидат поттик за развој на рак на дебело црево, дојка или ендометриум.
Ефектите од детската дебелина не исчезнуваат со годините. Според Фондацијата за рак на дебело црево и мета-анализата која опфатилa повеќе од 4,7 милиони луѓе, лицата со висок индекс на телесна маса во детството имаат за 39 проценти (мажи) и 19 проценти (жени) поголем ризик од рак на дебело црево во возрасна доба, во споредба со оние кои имале нормална тежина во детството.
Промените во начинот на исхрана влијаат на цревната флора. Утврдено е дека ултра-преработените намирници ја намалуваат бактериската разновидност во цревата и ја зголемуваат концентрацијата на соеви со проинфламаторни супстанции. Таквиот начин на исхрана води кон зголемување на гастроинтестиналните заболувања, како синдром на иритабилно црево или прекумерно размножување на бактерии во тенкото црево – проблеми кои се особено застапени кај миленијалците, смета проф. Хорндлер Гил.
Алкохол
Прекумерната консумација на алкохол е втор голем фактор на ризик, поради кој болестите кои порано ги имале речиси исклучиво постарите лица, сè почесто се среќаваат кај младите. Долги години се верувало дека чаша вино може да го заштити здравјето, но сега експертите нагласуваат дека не постои безбедна количина алкохол. Меѓународната агенција за истражување на рак го класифицира алкохолот како канцероген од група 1, во ист ранг со тутунот. Ацеталдехидот е токсичен метаболит на алкохолот и соединение кое ја оштетува ДНК.
Проф. Хорндлер Гил забележува дека постојат генерациски разлики во консумацијата на алкохол. Беби-бумерите, лица родени помеѓу 1946 и 1964 година, почесто пијат од миленијалците, додека помладата генерација е склона на прекумерно напивање кое носи значителни ризици. Ова го потврдува и истражувањето „EDADES“ на Министерството за здравство на Шпанија од 2024 година.

Неодамнешно истражување објавено во „Environmental Science & Technology“ открива дека многу пивски брендови содржат перфлуороалкилни супстанции (PFAS). Овие хемикалии, познати и како „вечни хемикалии“ бидејќи тешко се разградуваат, се поврзуваат со поголема веројатност за рак на тестисите и бубрезите.
Недостаток на сон
Поновите генерации спијат значително помалку и полошо од своите баби и дедовци. Истражувањата покажуваат дека миленијалците и генерацијата Z спијат во просек 30 до 45 минути помалку отколку бејби-бумерите, главно поради ноќно изложување на екрани и социјални мрежи. Вештачкото светло од екранот го нарушува природното ослободување на мелатонин – хормон кој го регулира циркадијалниот ритам, односно нашиот внатрешен часовник и циклусот на спиење и будење.

Хроничниот недостаток на сон ја намалува способноста за „поправање“ на ДНК и го намалува заштитното дејство на мелатонинот во борбата против ракот. Пониските нивоа на мелатонин се поврзуваат со намалена способност на телото да се спротивстави на оксидативните оштетувања на ДНК и со зголемена клеточна пролиферација – процес на раст и делба на клетките. Нарушувањето на циркадијалниот ритам, исто така, влијае на експресијата на гени клучни за поправка на ДНК, што значи дека мутациите со текот на времето се акумулираат и го зголемуваат ризикот од појава на тумори.
Тежина на стресот
Проф. Лидија Бегона Хорндлер Гил смета дека миленијалците веројатно се генерација со највисоко ниво на хормонот кортизол. Кога овој „хормон на стресот“ е покачен подолг временски период, може да доведе до развој на инсулинска резистенција, хипертензија и слабеење на имунолошкиот систем.
Истражувањата покажуваат дека хроничниот стрес го продлабочува воспалението, ја нарушува способноста на телото да ги елиминира абнормалните клетки, а дури може да „разбуди“ успиени туморни клетки. Студиите наведуваат дека лицата со повисоко ниво на стрес полесно можат да заболат од карцином отколку оние кои подобро го контролираат стресот.

Самолекување
Помладите генерации почесто се лекуваат сами, земаат лекови без консултација со лекар. Хорндлер Гил напоменува дека честа употреба на парацетамол се поврзува со оштетување на црниот дроб и можно зголемување на ризикот од рак на црниот дроб. Оралните контрацептиви, кога се користат долг период без надзор на стручњак, благо го зголемуваат ризикот од рак на дојка и на грлото на матката, иако истовремено штитат од рак на јајници и ендометриум.
Долготрајната употреба на антациди (за неутрализирање на вишок на желудечна киселина) и антибиотици се поврзува со зголемен ризик од рак на органите за варење.

Што ги очекува миленијалците во иднина?
Прогнозите се загрижувачки, нагласува проф. Лидија Бегона Хорндлер Гил. Очекувањата се дека на глобално ниво бројот на случаи на рак, од околу 20 милиони во 2022 година, би можел да се зголеми на скоро 35 милиони во 2050 година, што претставува вкупно зголемување од речиси 77 проценти. Овој тренд е особено изразен кај дигестивни и гинеколошки тумори, кои сè почесто се болести на лица помлади од 50 години.










