Додека обожавателите на серијата „Почудни нешта“ (Stranger Things) со нетрпение ја очекуваат петтата и последна сезона на хитот на „Нетфликс“, скандалите на главните актери ја засенија премиерата на новите епизоди.
Популарната британска актерка Мили Боби Браун го обвини колегата Дејвид Харбор за малтретирање, Ноа Шнап е остро критикуван поради ставовите за војната во Газа, а еден од актерите бил фатен со дрога.
„Почудни нешта“, една од најуспешните продукции на Нетфликс, која веќе речиси една деценија го држи вниманието на публиката, наскоро ќе добие свое финале. Новата сезона ќе биде поделена во два дела: првиот пристигнува на 26 ноември, три нови епизоди ќе бидат објавени за Божиќ, а последната – на 31 декември.
Обвинувања против Дејвид Харбор
Во центарот на вниманието се најде 50-годишниот актер Дејвид Харбор, кој во серијата го толкува ликот на шефот на полицијата Џим Хопер. Неговата помлада колешка Мили Боби Браун го обвини за „вознемирување и малтретирање“ за време на снимањето. Според британски „Дејли мејл“, таа дури морала да има личен придружник на сетот.
Иако двајцата неодамна позираа насмеани на премиерата на новата сезона, прашањата околу нивниот однос останаа отворени. Еден од креаторите на серијата, Рос Дафер, изјави за „Холивуд репортер“.

„Оваа екипа работи заедно веќе десет години и ние сме како семејство. Најважно е сите да се чувствуваат безбедно и среќно на сетот.“
Истовремено, Харбор се соочува со нова криза – неговата поранешна сопруга, пејачката Лили Ален, во новиот албум „West End Girl“ откри детали за неговата наводна тригодишна афера и неверства што довеле до разводот по четиригодишен брак.

Во интервју за шпанскиот „Есквајр“, актерот призна дека направил „грешки и пропусти“, додавајќи дека најголема поддршка во тој период му била колешката Винона Рајдер: „Таа е толку длабоко емотивно човечко суштество, нешто што јас никогаш не би можел да бидам“.
Ноа Шнап и политичките контроверзии
Младиот актер Ноа Шнап, кој во серијата го игра Вил Бајерс, се соочи со жестоки критики поради коментари за конфликтот меѓу Израел и Хамас. Во ноември 2023 година тој објави фотографии со натпис „Сионизмот е секси“, како и порака: „Или стоиш со Израел, или стоиш со тероризмот“.

Подоцна се извини, наведувајќи дека неговите ставови биле „погрешно разбрани“, но дел од јавноста смета дека извинувањето било наложено од „Нетфликс“. Дел од обожавателите повикаа на бојкот на последната сезона, додека неговиот колега Брет Гелман јавно застана во негова одбрана, изјавувајќи: „Не сум за Нетанјаху, но сум за Израел“.
Проблеми со дрога
Британскиот актер Чарли Хитон, кој го толкува ликот на Џонатан Бајерс, беше уапсен во 2017 година на аеродром во Лос Анџелес поради поседување кокаин. Му беше забранет влез во САД и беше вратен во Лондон. Подоцна „Нетфликс“ соопшти дека нема да ја изгуби улогата, а продуцентите го поддржаа, нагласувајќи дека станува збор за „инцидент без намера“.

Неговото семејство тогаш објасни дека „мала количина дрога“ била пронајдена во неговиот паричник, најверојатно без негово знаење.
Брет Гелман: Жестока одбрана на Израел на социјалните мрежи
Брет Гелман (48), кој во серијата го игра ексцентричниот теоретичар на заговори Муреј, исто така предизвика контроверзии со своите ставови. Тој застана во одбрана на колегата Ноа Шнап, изјавувајќи за „TMZ“ дека младиот актер не требало да се извинува. Гелман тврди дека секој кој не е про-израелски, свесно или подсвесно, е антисемит.

„Воопшто не сум за смртта на невините Палестинци, и моето срце е со нив… но истовремено не знам зошто никој не ги обвинува Хамас за нивните смртни случаи“, рече тој. На социјалните мрежи се соочил со критики откако ги нарече приврзаниците на Палестина „лажни воук либерали“ кои „не читаат“.
Џозеф Квин: Врска со контроверзна пејачка
Џозеф Квин (31) остави длабок впечаток со улогата на Еди Мунсон во четвртата сезона, но и тој се најде под критики поради својот приватен живот. Актерот беше во врска со контроверзната пејачка Доџа Кет, а нивната романса предизвика внимание поради нејзините претходни испади. Доџа Кет, меѓу другото, се исмевала на загриженостите за пандемијата на коронавирус и се бранела од обвинувањата за учество во алтернативни десничарски интернет-четови.

Фановите на социјалните мрежи ја преиспитуваа одлуката на Квин, прашувајќи се зошто е во врска со толку проблематична личност. Нивната врска меѓутоа заврши, а извор за „The Sun“ тврди дека актерот се вратил на апликацијата за запознавање „Raya“.
Браќата Дафер: Тужба за плагијат
Дури ни креаторите на серијата, браќата Мет и Рос Дафер, не останаа поштедени од скандали. Две години по премиерата, филмскиот режисер Чарли Кеслер ги тужел, тврдејќи дека му ја украле идејата од неговиот краткометражен филм „Монток“ од 2012 година. Правната битка траела една година, а Кеслер се откажа од тужбата само два дена пред почетокот на судењето.

Во изјава тој признал: „Откако го слушнав сведочењето на правен експерт кој го ангажирав, сега ми е јасно дека, без оглед на тоа што можеби сум верувал во минатото, моето дело немало никаква врска со создавањето на серијата „Stranger Things“.“ Браќата Дафер како доказ приложиле е-пошта од 2010. и 2013. година, кои потврдуваат дека самостојно го развиле концептот на серијата години пред воопшто да се запознаат со Кеслер.









