Во судирот на два воза што се случи во недела попладне во близина на градот Пезинок во Словачка, најмалку 79 лица завршија во болници, а најтешки повреди претрпеа три лица, објави денес словачкиот Оперативен центар за итна медицинска помош.
Судирот помеѓу возовите REX 1814, кој сообраќал од Нитра до Братислава, и Ex 620, кој сообраќал на линијата Кошице – Братислава, се случил околу 19:30 часот, кога еден од возовите поминал на црвено светло. Исто така, се наведува дека 60 пациенти се здобиле со полесни повреди, како и дека во двата воза имало вкупно 800 патници, објавува Словачка правда.
„15 амбулантни возила интервенираа на лице место, а 79 пациенти беа пренесени во болници. По првичната помош, тие беа пренесени во болниците во Крамер и Ружинова во Братислава. Сите беа свесни“, изјави Службата за итни случаи.
Ева Клиска, портпаролка на Клиничкиот центар во Братислава, изјави дека патниците претрпеле полесни повреди како гребнатини или модринки, но и тешки повреди за кои била потребна операција – разни политрауми, фрактури на екстремитети, тешки повреди на градите, стомакот или главата.
Како што забележа, тројца пациенти биле оперирани, тие во моментов се стабилизирани и надвор од животна опасност, додека 13 пациенти остануваат хоспитализирани во болниците на УНБ.
„Другите пациенти, кои имаа полесни повреди, беа згрижени во централните приемни одделенија и, со оглед на тоа што нивната состојба не бараше хоспитализација, беа пуштени на домашно лекување“, изјави портпаролката.
Министерот за здравство Камил Шашко изјави дека приближно 800 луѓе, претежно студенти, патувале со возовите, додека директорот на противпожарната служба, Адријан Мифковиќ, верува дека е можно да има дополнителни повреди, на пример во цервикалниот ‘рбет.
Полицијата потврди дека немало смртни случаи во судирот. Двајцата возачи биле алкотестирани и тестирани за дрога, а нивните резултати биле негативни.
Директорот на Словачките железници, Иван Беднарик, изјави дека мора да ги почекаат наодите од истрагата и дека засега не е јасно дали станува збор за техничка или човечка грешка.
Според него, експресниот воз закочил, или автоматски или од машиновозачот, и минувал низ станица каде што дозволената брзина била 140 километри на час. Како што рече, доколку не закочел, оваа несреќа можела да биде многу полоша.
По железничката несреќа на делницата Пезинок – Свати Јур, сообраќајот бил целосно прекинат околу три часа, а од утрово неколку железнички линии се доцнат помеѓу 30 и 50 минути.
Словачкиот премиер Роберт Фицо им посака на повредените брзо закрепнување и нагласи дека случајот бара темелна истрага.
Тој закажа и вонредна седница на владата на која, како што рече, треба да се донесат потребните одлуки.











