Борусија Дортмунд се врати со висок пораз од гостувањето кај Манчестер Сити, но фановите на германскиот тим и овојпат беа на висина на задачата и во препознатлив стил даваа поддршка за бундеслигашот на „Итихад“.
Џејми Карагер како дел од екипата која работи на реализација на случувањата од Лигата на шампионите решил да ужива во атмосферата која ја создаваат германските фанови, па бил во нивно друштво во текот на целиот ден во пресрет на натпреварот во Манчестер.
Сепак, не успеал да ја исполни последната точка од агендата, а тоа е да влезе на делот од трибините наменет за гостинските фанови и заедно со нив да го следи натпреварот.
Англиските медиуми објавија дека УЕФА и Манчестер Сити одбиле да го прифатат барањето на Карагер, најмногу од безбедносен аспект, односно да спречат потенцијален ризик од неговата инволвираност со гостинските фанови.
Во проценката секако бил опфатен и фактот дека би било непрофесионално Карагер да интервјуира играчи на Сити во микс зоната, откако претходно навивал против нив со навивачите на Борусија.







