Украина доби нова софистицирана воена опрема од Германија

Макфакс

04/11/2025

11:53

210

Големина на фонт

а а а

Украина доби нови американски системи за воздушна одбрана „Патриот“ кои ќе ѝ помогнат да се одбрани од секојдневните руски напади, потврди претседателот Володимир Зеленски, пренесува „Еуроњуз“.

„Повеќе системи ‘Патриот’ сега се во Украина и веднаш се распоредуваат“, рече Зеленски. „Секако, потребни се повеќе системи за заштита на клучните инфраструктурни објекти и нашите градови низ целата територија на нашата земја“, додаде тој.

Зеленски посебно им се заблагодари на Германија и на канцеларот Фридрих Мерц за испораката. Софистицираните системи „Патриот“ се сметаат за најефикасно оружје против руските ракети. Украинскиот претседател долго време апелираше до западните партнери да испратат повеќе системи, но испораките беа забавени поради ограничувањата во производството и потребата сојузничките земји да одржуваат свои залихи.

Пред три месеци, Германија објави дека ќе испорача уште два системи „Патриот“ на Украина, откако доби гаранции од Соединетите Американски Држави дека ќе добие нови системи како приоритет за да ги надополни сопствените залихи. Германското Министерство за одбрана вчера соопшти дека Берлин ѝ дал на Украина повеќе системи „Патриот“ од сопствените вооружени сили отколку која било друга земја.

Покрај „Патриот“, Германија испорачала и други системи за воздушна одбрана од различен дострел, како што се „ИРИС-Т“ и „Скајнекс“. Испораките на оружје во Украина се координирани од НАТО, а европските сојузници и Канада купуваат голем дел од нивната опрема од Соединетите Американски Држави. За разлика од претходната администрација на Бајден, администрацијата на Трамп не испорачува оружје во Украина.