Македонскиот талент воодушеви: Шошкиќ дебитираше со МВП издание во американската кошарка

Дерби

04/11/2025

11:30

248

Големина на фонт

а а а

Андреј Шошкиќ беше избиран за најдобар млад играч во македонската кошарка и со таков статус се избори за прволигашка кошарка како член на Работнички, но изминатово лето направи најголем чекор во кариерата и се пресели во САД.

20-годишниот Шошкиќ рано утрово го дочека своето деби во универзитетската НЦАА лига во Америка, а мора да се напомене дека македонскиот талент имаше деби од соништата.

Андреј блескаше во дресот на Стони Брук и беше најзаслужен за победата над Фармингдејл со резултат 66:59, пред се поради тоа што постигна 20 поени зад своето име.

Македонскиот кошаркар беше убедливо најдобар поединец на паркетот и покажа зошто важи за голема македонска надеж, а особено импресивна е и неговата статистика која вели дека Андреј реализираше три тројки од четири обиди, а имаше и импресивна реализација за два поени со учинок „5 од 6“.

Шошкиќ беше перфектен од линијата за слободни фрлања и ги погоди сите четири „пенали“, додека блескавото издание го надополи и со четири скокови, една асистенција и две украдени топки.