Тој е единствениот преживеан од авионската несреќа на „Air India“ во која загинаа 241 лице: „Психички страдам, секој ден е болен за целото семејство“

Точка

03/11/2025

09:44

1.397

Големина на фонт

а а а

Единствениот преживеан од авионската несреќа на „Air India“, во која животот го загубија 241 лице, изјави дека се чувствува како „најсреќниот човек на светот“, но истовремено преживува тешка физичка и психичка болка. Вишвашкумар Рамеш, чии неверојатни снимки од моментот кога заминува од местото на падот на авионот на летот од Ахмедабад кон Лондон го обиколија светот, го опиша своето преживување како „чудо“.

Сепак, во несреќата што се случи во јуни, тој изгубил сè — вклучувајќи го и помладиот брат Ајај, кој седел само неколку редови подалеку, пишува „BBC“. Да потсетиме, авионот „Boeing 787“ се урна кратко по полетувањето од западна Индија и беше зафатен од пламен. Снимките кои тогаш се појавија покажаа како Рамеш се оддалечува од местото на несреќата, наизглед само со полесни повреди, додека зад него се издигал густ чад.

„Го изгубив брат ми, мојата потпора“

Во емотивно интервју за „BBC News“, Рамеш на својот мајчин гуџаратски јазик изјави: „Јас сум единствениот преживеан. Сè уште не можам да поверувам. Тоа е чудо“. „Го изгубив и брат ми. Мојот брат беше мојата потпора. Последниве години секогаш ме поддржуваше“, додал тој со скршен глас.

Трагедијата, како што вели, му го уништила семејниот живот. „Сега сум сам. Само седам во својата соба, не разговарам со сопругата, со синот. Сакам само да бидам сам во својата куќа“, открил Рамеш.


Веднаш по несреќата, додека закрепнувал во болница во Индија, опишал како успеал да се ослободи и да исползи од остатоците на авионот. Таму го посетил и индискиот премиер Нарендра Моди. Во несреќата, покрај патниците и екипажот, загинале и 19 лица на земја. Меѓу загинатите патници имало 169 индиски и 52 британски државјани.

Прелиминарниот извештај на Индиската канцеларија за истрага на авионски несреќи, објавен во јули, наведува дека дотокот на гориво во моторите бил прекинат само неколку секунди по полетувањето. Истражувањето сè уште трае.

„Секој ден е болен за целото семејство“

Ова е првпат 39-годишниот Рамеш да зборува за медиумите откако се вратил во својот дом во Лестер, Велика Британија. Окружен со локалниот лидер на заедницата Санџив Пател и портпаролот Рад Сејгер, Рамеш изјавил дека му е премногу болно да се присетува на деталите од катастрофата и дека за време на интервјуто неколкупати емотивно се „скршил“.

„Физички, психички, и моето семејство исто така, психички... мајка ми последниве четири месеци секој ден седи пред вратата, не зборува, ништо“, опишал тој низ каква вознемиреност минуваат. „Не разговарам со никој. Не сакам да зборувам со никој друг. Не можам многу да зборувам. Цела ноќ размислувам, психички страдам. Секој ден е болен за целото семејство“, додал тој.


Покрај психичките, Рамеш трпи и тешки физички последици. Побегнал од своето седиште – 11A – низ дупка во трупот на авионот, а денес чувствува болки во ногата, рамото, коленото и грбот. Поради повредите не може ниту да работи ниту да вози. „Кога одам, не одам правилно, бавно, бавно... сопругата ми помага“, рече тој.

Обвинувања на сметка на авиокомпанијата

Неговите советници наведуваат дека му било дијагностицирано посттрауматско стресно растројство уште во Индија, но по враќањето дома не добил никакво лекување. Го опишуваат како изгубен и скршен човек пред кој е долг пат до закрепнување. Тврдат дека авиокомпанијата го третирала лошо и бараат итна средба со раководството на „Air India“.

„Тие се во криза – психички, физички, финансиски“, изјавил Пател. „Ова ја уништи неговата фамилија. Секој што е одговорен на највисоко ниво треба да биде на терен, да се сретне со жртвите од овој трагичен настан, да ги разбере нивните потреби и да ги сослуша“.

„Air India“ му понудила на Рамеш привремена оштета од 21.500 фунти, што тој ја прифатил, но неговите советници велат дека тоа не е ни приближно доволно за покривање на неговите основни потреби. Семејниот рибарски бизнис во Индија, кој го водел заедно со неговиот брат, во меѓувреме пропаднал.


Портпаролот на семејството истакна дека трипати побарале состанок со „Air India“, но сите нивни барања биле „игнорирани или одбиени“. Според него, нивното обраќање во медиумите е четвртиот обид да допрат до компанијата.

„Ужасно е што мораме да седиме овде денес и да го изложуваме на ова“, изјавил Сејгер. „Луѓето што треба да седат овде се раководителите на ‘Air India’, оние што се одговорни да се обидат да ги исправат работите. Ве молиме, дојдете и седнете со нас за заедно да поминеме низ ова и да се обидеме да ја ублажиме оваа болка“.

„Air India“: Понудивме состанок

Од авиокомпанијата, која е во сопственост на „Tata Group“, соопштија дека високите претставници продолжуваат да ги посетуваат семејствата на загинатите за да изразат сочувство. „На претставниците на господинот Рамеш им беше понудена организација на таква средба; ќе продолжиме да се јавуваме и искрено се надеваме на позитивен одговор“, стои во нивното соопштение. Од компанијата за „BBC“ потврдија дека таа понуда била испратена пред јавните настапи на господинот Рамеш.