Во Белгија е покрената истрага откако непознати дронови летале над воена база во таа земја две ноќи по ред, изјави денес министерот за одбрана Тео Франкен.
Сомнителни дронови беа пријавени во петокот и саботата навечер, над воздухопловната база Клајне-Брогел на североистокот од земјата, станува збор за сериозен безбедносен инцидент, со оглед на тоа што Клајне Брогел е една од најчувствителните локации на НАТО во Европа, според написите во медиумите.
„Во саботата не беше едноставно прелетување, туку јасна мисија насочена кон Клајне-Брогел“, напиша Франкен на Икс, а потоа спомена три поголеми дронови, кои летаа на иста надморска височина.
Тој додаде дека дроновите биле следен од полициски хеликоптер и други возила, но дека тие го изгубиле контактот.
„Летањето дронови над воени области е строго забрането. Министерството за одбрана мора да направи сè што е можно за да ги собори овие дронови“, рече Франкен.
Неидентификувани дронови веќе прелетаа над белгискиот воен камп Елзенборн, во близина на границата со Германија, на почетокот на октомври, а Европската унија (ЕУ) објави дека сака да подигне „ѕид“ против дронови до 2027 година, по серијата мистериозни упади во европскиот воздушен простор.
Во септември, НАТО ги посочи недостатоците во европскиот воен арсенал по влегувањето на 20 руски дронови во полскиот воздушен простор, а таа воена алијанса мораше да собори три авиони.







