„Политико“: Орбан е притиснат, мора да се сврти кон Хрватска поради санкциите за руската нафта

Макфакс

31/10/2025

08:27

164

Големина на фонт

а а а

Американските санкции за увоз на руска нафта го притиснаа премиерот Виктор Орбан да побара алтернатива преку Хрватска, иако Будимпешта со години го одбегнуваше тој правец, пишува „Политико“.

Будимпешта тврди дека алтернативните испораки преку Хрватска се прескапи и дека Јадранскиот гасовод (ЈАНАФ) не може да ги задоволи нејзините потреби, што експертите и претставниците на Загреб остро го негираат, пишува Политико во својата анализа што ја пренесе „Индекс“.

Орбан тврди дека руската нафта е клучна за енергетската безбедност на Унгарија, но ограничувањата од Вашингтон и планираните царини на ЕУ ја прават зависноста од Москва неодржлива. За да обезбеди снабдување, Будимпешта ќе мора да ги подобри односите со Загреб и да користи нафтоводот ЈАНАФ.

Хрватскиот министер за економија Анте Шушњар ги отфрли обвинувањата дека транзитните такси се превисоки или дека системот нема доволен капацитет, велејќи дека тоа се „измислени изговори“ и дека Хрватска може веднаш да испорачува нафта.

Според експерти, проблемот не е во техничките или ценовните услови, туку во интересите на унгарската влада и на компанијата MOL, кои добиваат пониски цени за руската нафта и затоа немаат политичка волја да се откажат од неа.

„Политико“ наведува дека Орбан е „стиснат во ќош“ – ќе мора или да ја прифати соработката со Хрватска и политиката на ЕУ, или да продолжи со ризичната зависност од Русија, додека санкциите на САД стапуваат на сила на 21 ноември.