Двајцата кандидати за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ од Левица и Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, вечерва ги соочиja своите ставови на дебата на Канал 5 телевизија.
Во своето обраќање, Ѓорѓиевски оцени дека неговиот пораз во првиот изборен круг се должи на слабата излезност на гласачите. Тој изрази уверување дека на вториот круг, кој ќе се одржи во недела на 2 ноември, граѓаните ќе излезат во поголем број и дека тоа ќе резултира со негова победа.
„Досега на локални избори во Скопје немало разлика од 60.000 гласови меѓу противкандидатите, како што е случајот меѓу мене и Амар Мециновиќ“, нагласи Ѓорѓиевски.
Претставувајќи се, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека по професија е политиколог и дека доаѓа од приватниот сектор, додавајќи дека е горд член на својата партија.
Неговиот противкандидат, Амар Мециновиќ од Левица, пак, истакна дека ниската излезност во првиот круг на локалните избори 2025 година е резултат на недовербата на граѓаните во можноста за вистински политички промени.
„На дуел кај Иван“ 28.10.2025„На дуел кај Иван“ со Орце Ѓорѓиевски и Амар Мециновиќ
Posted by Канал 5 Телевизија on Tuesday, October 28, 2025
„Излезноста почива на тоа што нашите граѓани не гледаат политички промени кога ќе дојде до трансфер на власт. Малата излезност е генерално продукт на тоа што нашите граѓани сметаат дека не можат да делуваат со своето гласачко право кое го имаат – не можат да ја сменат судбината“, изјави Мециновиќ.
Тој додаде дека народот не е деполитизиран, туку индиферентен, бидејќи не верува во можноста за реална трансформација на политичкиот систем. Според него, вториот изборен круг отвора нова политичка реалност во државата.
„Сега сме во поинакви околности – втор круг во кој се натпреваруваат ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Сметам дека со самото тоа што ги живееме првите денови од оваа нова политичка реалност во Македонија, многу граѓани ќе се охрабрат и допрва ќе излезат во вториот круг“, додаде Мециновиќ.
Во своето претставување, тој потврди дека студирал политички науки, но сè уште не дипломирал. Истакна дека работел различни работи, меѓу другото и како фриленсер. Како член на Левица, најпрво станал општински советник, а потоа и пратеник.










