Скопското обвинителство побара притвор за в.д. директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Сабахудин Рустеми, и за еден управител за отпад во претпријатието во рамките на истрагата што се води против нив за кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад.
„Осомничените, од кои едниот в.д. директор, а другиот управител за отпад во ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје, заедно постапиле спротивно на Законот за управување со отпадот и на својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање безопасен отпад на подрачјето на град Скопје, како и на обврските предвидени во оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на оперативниот план за одржување на јавната чистота во градот. Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето комунален отпад, како и со непрописното управување со отпадот, тие овозможиле во текот на месецот да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини во близина на предвидените садови за собирање комунален отпад со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и ги довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести“, велат од Обвинителството.

Од таму додаваат дека ваквите сомненија се утврдени и констатирани со вонредните инспекциски надзори од овластените локални инспектори за животна средина кои излегоа на терен по насоки на јавното обвинителство, како и со експертско мислење за влијанието на отпадот врз јавното здравје и можноста за ширење заразни заболувања од ЈЗУ Институт за јавно здравје.

„Поради опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени“, соопшти Обвинителството.











