Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ го искритикува актуелниот градоначалник на Општина Центар и кандидат за втор мандат од СДСМ, Горан Герасимовски по повикот до центарци денес да присуствуваат на првиот буџетски форум за 2026 година.
„Овој градоначалник е одлучен во изборната кампања до последна трошка да ги исцеди и општинските ресурси и самата општина како јавна институција во своја лична корист.
Откако изнареди прескапи игралишта, ископа дупки од илјадници евра како да се за ископ на дијаманти, изнареди клупи и канти наместо да ги поправи претходните, сега на неколку дена од гласањето си организира и нешто што само тој си го нарекува општински буџетски форум. А тоа во суштина е светлосни години далеку од тоа што треба да биде буџетски форум.
За ‘Форумите во заедницата’ и со тоа и за ‘Буџетските форуми’ има јасни правила како се одржуваат утврдени од ЗЕЛС за што повеќе пати му е укажано, а не сака да го прифати. Процесот со форумите треба да почне месеци претходно, да има стручни независни модератори, одвоен општински буџет, работни групи…
Но ете падна толку ниско што сака и нив да ги злоупореби за кампања. Буџетски форум најавен од вчера за денес. Форум ли е, митинг ли е во просториите на училиште?“, стои во објавата на „Шанса за Центар“ на „Фејсбук“.
Герасимовски вечерва со почеток во 19.30 часот во основното училиште „Киро Глигоров“ ги повика центарци да присуствуваат на првиот буџетски форум за 2026 година и заедно да го креираат буџетот, да дадат предлози и иницијативи што ќе придонесат за подобар и поквалитетен живот во општината.
„Шанса за Центар“ во првиот круг ја поддржа независната кандидатка за градоначалничка на Општината, Билјана Ивановска, предложена од група избирачи. Таа освои 4.465 гласови и не влезе во вториот круг во кој центарци ќе избираат меѓу Горан Герасимовски од СДСМ кој во првиот круг освои 8.535 гласа и Мирослав Лабудовиќ од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија кој имаше 5.707 гласа.











