Европската унија размислува да го класифицира етанолот, кој се користи во биоцидни производи како што се средствата за дезинфекција на раце, како опасна супстанција поради сè поголемиот ризик од рак, објави во вторник „Фајненшл тајмс“.
Интерна препорака од една од работните групи во рамките на Европската агенција за хемикалии (ECHA) на 10 октомври го означила етанолот како токсична супстанција што го зголемува ризикот од рак и компликации при бременост и треба да се замени во средствата за чистење и други слични производи, пренесе ФТ, повикувајќи се на Ројтерс. Комитетот за биоцидни производи на „ECHA“ треба да се состане помеѓу 25 и 27 ноември.
„ECHA“ во изјава испратена по е-пошта до Ројтерс соопшти дека регулаторот во моментов го проценува етанолот за биоцидна употреба.
Регулаторот изјави дека доколку експертскиот комитет заклучи дека етанолот може да предизвика рак или штетно да влијае врз човечката репродукција, ќе препорача негова замена.
Додаде дека процените уште се во тек и дека сè уште не се донесени заклучоци. Европската комисија ќе донесе конечна одлука откако ќе го добие научното мислење од комитетот.
Светската здравствена организација (СЗО) ги класифицира и етанолот и изопропанолот како безбедни за употреба во хигиената на рацете.