Трамп: Не сакав бесмислен состанок со Путин

Макфакс

22/10/2025

08:38

951

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не сакал да одржи бескорисен состанок со рускиот лидер Владимир Путин, откако планот за нивни директни разговори за Украина бил ставен на пауза. Американскиот претседател во вторникот во Белата куќа стави до знаење дека клучната пречка останува одбивањето на Москва да престане со борбите по сегашната линија на фронтот, пишува Би-Би-Си.

Белата куќа претходно потврди дека нема планови за нов состанок во блиска иднина, иако Трамп минатата недела најави средба во Будимпешта. Разликите меѓу американските и руските мировни предлози се покажале непомирливи, а претходниот самит на Алјаска не донел резултати.

Трамп изјави дека го поддржува предлогот на Киев и европските лидери за замрзнување на конфликтот на постојната линија на фронтот, со пораката: „Престанете со борбите, престанете да убивате луѓе.“

Москва, пак, се спротивставува на вакво примирје. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, и министерот Сергеј Лавров порачаа дека Русија бара „долгорочен и одржлив мир“ и дека замрзнување на фронтот би било само привремено решение. Кремљ повторно инсистира на руски суверенитет над Донбас и демилитаризација на Украина.

Од друга страна, Зеленски нагласи дека вистинската дипломатија почнува со замрзнување на бојното поле и дека единствено далекуметното оружје, како американските ракети „Томахавк“, може да ја натера Русија да седне на преговори.

Некои извештаи тврдат дека Трамп и Зеленски имале остар телефонски разговор, при што Трамп го притискал украинскиот лидер да се откаже од делови од Донбас – нешто што Зеленски категорично го одбива.