Jаневска и Андоновски на средба со еврокомесарката Захариева: Македонија се фокусира на науката и иновации и добива зголемена поддршка од програмите на ЕУ

Макфакс

21/10/2025

16:23

155

Големина на фонт

а а а

Вложувањата во науката и иновациите, примената на вештачката интелигенција за научно – истражувачки цели и можностите за зголемување на европската поддршка за Македонија, беа темите за кои се дискутираше на денешната средба на министрите за образование и наука и за дигитална трансформација, Весна Јаневска и Стефан Андоновски со еврокомесарката за стартапи, истражувања и иновации Екатерина Захариева и директорката на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, Сабине Хенцлер.

Средбата се одржа во рамки на министерскиот состанок на земјите од Западен Балкан во Подгорица, Црна Гора, а македонските министри потенцираа дека државата се фокусира на развој на науката и иновациите, создавајќи повеќе можности за научниците и истражувачите.

Kaко што е соопштено, со значително зголемен буџет на државата за оваа намена, годинава поттикната е реализацијата на бројни научно – истражувачки проекти од јавен интерес, кои се во корелација со целите на Националната стратегија за паметна специјализација, а со поголема поддршка од Европската унија интензивирано е и учеството на македонскиот научно – истражувачки потенцијал во Европската истражувачка област (ЕРА), како и во Европската мрежа за соработка во областа на истражувањето и технологијата (COST) и Хоризонт програмата преку која со 13 милиони евра финансирани се 81 проект од нашата земја.

На средбата беше посочено дека Македонија ги следи глобалните трендови поврзани со примената на вештачката интелигенција, а ВИ алатките наоѓаат сè поголема примена и на македонскиот научно – истражувачки простор.

Захариева и Хенцлер ја поздравија иницијативата на Владата за основање на првиот научно – технолошки парк под надлежност на државата и истакнаа дека соработката помеѓу Македонија и Европската унија се развива во добра насока.