Mинатата недела на Клиниката за неврохирургија првпат се изведе операција на мозокот со помош на системот за стереотаксија (framed stereotactic brain biopsy).
„Испишуваме ново поглавје во неврохирургијата. Големо е задоволството кога имаме развој во јавните здравствени установи преку воведување нови методи. Станува збор за минимално инвазивна постапка, која се изведува со помош на рамка што се поставува врз главата на пациентот. Потоа со помош на посебни тридимензионални пресметувања се планира точната локација на интервенцијата во внатрешноста на главата и се зема материјал за анализа“, појасни министерот за здравство, Азир Алиу.
За да се дојде до овој резултат, претходеа подготовки со тим на експерти од Бразил, предводени од проф. Маноел Јакобсен Теишеира од Универзитетот „Сао Пауло“, како и инженерот Антонио Мартос Калво.
Работниот тим што ја изведе оваа значајна интервенција се состои од д-р Роберт Шумковски, д-р Ивица Коцевски, д-р Љуљзим Агаи (неврохирурзи) и д-р Радмила Панговска (анестезиолог).
„Посебна благодарност до тимот од неврохируршките сали и од одделот за континуираната подршка во текот на работниот процес, како и до Клиниката за радиологија, за безрезервната и трпелива поддршка во процесот на организацијата на работниот процес. Оваа постапка во иднина нуди исклучителни можности за развој на функционалната неврохирургија и лекувањето на разните невродегенеративни заболувања поради кои нашите пациенти во согласност со досегашната пракса се упатуваа на лекување во странство“, појаснува директорот на Клиниката за неврохирургија, кој е дел од тимот, д-р Љуљзим Агаи.