Трамп: Претседателот на Колумбија е нарко-бос

Макфакс

19/10/2025

18:30

176

Големина на фонт

а а а

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес објави на социјалната мрежа Truth Social дека САД ја прекинуваат финансиската помош за Колумбија, долгогодишен американски сојузник, обвинувајќи го нејзиниот претседател дека одобрува производство на дрога.

Трамп рече дека левичарскиот претседател Густаво Петро не прави ништо за да го спречи производството на кокаин и покрај „големите плаќања и субвенции од САД“.

„Претседателот Густаво Петро од Колумбија е нелегален нарко-бос кој силно го поттикнува масовното производство на дрога, на големи и мали полиња, низ цела Колумбија. Тоа стана убедливо најголемиот бизнис во Колумбија, а Петро не прави ништо за да го спречи тоа, и покрај огромните плаќања и субвенции од Соединетите Американски Држави кои не се ништо повеќе од долгорочен грабеж на Америка.

Од денес, овие плаќања, или која било друга форма на плаќање или субвенции,веќе нема да се вршат во Колумбија. Целта на ова производство на дрога е да се продадат огромни количини од производот во Соединетите Американски Држави, предизвикувајќи смрт, уништување и хаос. Петро, ​​слабо оценет и многу непопуларен лидер, со нов, груб став кон Америка, подобро е веднаш да ги затвори овие полиња на смртта, или Соединетите Американски Држави ќе ги затворат за него, и нема да биде убаво. Ви благодарам за вашето внимание на ова прашање!“ објави Трамп на Truth Social.

Минатиот месец, Вашингтон објави дека го повлекува статусот на Колумбија како сојузник во борбата против дрогата.

По една деценија близок сојуз во таканаречената војна против дрогата, Трамп во септември го обвини Петро не само дека не успеал да го ограничи производството на кокаин, туку и дека го надгледувал неговото зголемување до „највисоки нивоа на сите времиња“, според потпишаната резолуција што Белата куќа ја испрати до Конгресот.

Колумбија возврати со запирање на купувањето оружје од САД, нивниот најголем воен партнер.